Претстојните смартфони на Apple од iPhone 16 серијата би можеле целосно да ги заменат физичките копчиња со капацитивни, сугерираат најновите гласини
Apple наводно направил нарачки за својата претстојна iPhone 16 линија телефони за нов систем со капацитивни копчиња што треба целосно да ги заменat физичките копчиња на новите модели. Иако минатата година ги слушнавме истите гласини во врска со iPhone 15 серијата, тоа на крајот не се случи и планот беше откажан поради производствени предизвици во месеците пред лансирањето на телефоните, но оваа година тоа би требало да се оствари.
Извештајот од синџирот на снабдување на азискиот портал Economic News Daily вели дека Apple направил нарачки од Advanced Semiconductor Engineering, што сугерира дека капацитивните копчиња ќе пристигнат на iPhone 16 оваа година. Нарачката наводно вклучува комплет системски модул што ќе ги замени физичките копчиња од двете страни на iPhone 16 со капацитивни копчиња.
Ова вклучува и додавање на две дополнителни Taptic Engine компоненти на секоја страна од iPhone 16 уредите, за да им „обезбеди на корисниците вибрации за повратни информации“ при притискање на копчињата.
Претходно се шпекулираше дека на Apple му требаат најмалку два модула на ниво на системот за да ги интегрира релевантните компоненти како што се капацитивните копчиња и Taptic Engine мотор, со цел да ги отстрани физичките копчиња за јачина на звук и за вклучување кои се користат на iPhone со години.
Сепак, имајќи предвид дека минатата година ги прочитавме истите информации кои тогаш се однесуваа на iPhone 15, кои на крајот не се реализираа, треба и на овие гласини да им пристапиме со доза на претпазливост. Освен споменатиот извештај, засега нема други информации за отстранување на физичките копчиња на претстојните смартфони на Apple.