Првиот производител на паметни телефони што ќе го користи во своите уреди претстојниот флегшип чипсет на Qualcomm – Snapdragon 8 Gen 4 ќе биде кинескиот бренд Xiaomi.
Кинеската компанија Xiaomi ќе биде првиот партнер на Qualcomm помеѓу производителите на паметни телефони што ќе го користи претстојниот Snapdragon 8 Gen 4, следниот премиум чипсет на американскиот производител на полупроводници. Веднаш по Xiaomi, ќе следува брендот OnePlus, а двата бренда треба да присуствуваат и на годинешниот Snapdragon Summit.
Сепак, тоа не значи дека веднаш по претставувањето на новиот Snapdragon чип ќе следи лансирање на нови телефони со него, бидејќи најавата е едно, додека ставањето во официјална продажба е нешто друго, потсетува Wccftech.
Кога станува збор за другите компании кои ќе го користат новиот чип, остатокот од листата засега е непознат. Имајќи предвид дека Xiaomi е првиот, ова веројатно значи дека претстојната Xiaomi 15 серија ќе биде прва со овој чип и не би било чудно доколку двете компании дополнително соработуваат за да го приспособат чипсетот специјално за овие уреди.
Во 2025 година, брендовите OnePLus и iQOO би требало да ја следат употребата на овој чип во нивните телефони, што значи дека во прашање веројатно се OnePlus 13 и iQOO 13. Иако Samsung е еден од најблиските партнери на Qualcomm, чудно е што јужнокорејскиот гигант никогаш не беше првиот што се појавува на Snapdragon самитот, и покрај тоа што продава најмногу уреди со Qualcomm чипови.
Сепак, Samsung едноставно има различен распоред за издавање на своите премиум уреди, па тоа е донекаде и логично. Исто така, ќе биде интересно да се види колку Xiaomi ќе ги цени своите телефони со новиот чип, имајќи предвид дека Qualcomm веќе објави дека Snapdragon 8 Gen 4 ќе биде најскапиот чипсет на компанијата досега.