Со цел да се подобри соработката со деловните субјекти и да се зајакне нивната улога во регионалната економска интеграција, Секретаријатот на ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (WB6 CIF) потпишаа Меморандум за разбирање во Брисел. Овој договор ги поставува основите за посилна соработка и размена на информации кои ќе поттикнат создавање на Заеднички регионален пазар под капата на Берлинскиот процес.
На овој начин, двете организации ја покажуваат својата посветеност за промовирање на ефикасни трговски текови меѓу ЦЕФТА страните и поттикнување на регионалната економска интеграција. Со координирање на напорите, Секретаријатот на ЦЕФТА и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан имаат за цел да го поддржат навременото и ефикасно спроведување на Акциониот план за Заедничкиот регионален пазар и новиот План за раст за Западен Балкан, подобрувајќи го усогласувањето со Европската унија.
„Бизнисите треба секој ден да сведочат за вистински подобрувања на теренот, а за да се постигне тоа, клучни се силните партнерства како што е она што со години го имаме со Секретаријатот на ЦЕФТА. Сакаме да ја пофалиме нивната работа за олеснување на трговијата и со нетрпение очекуваме да продолжиме да ја шириме нашата соработка, со цел да постигнеме побрза и поефикасна трговија во регионот“, изјави Љуљзим Рафуна, претседателот на WB6 CIF.
Клучните елементи на оваа соработка вклучуваат зајакнување на јавно-приватниот дијалог, промовирање на олеснувањата во трговијата, поддршка на дигитализацијата и организирање заеднички настани за зголемување на видливоста на реформските процеси кои го промовираат единствениот пазар и инвестициските дестинации во Западен Балкан.
„Заедно сме посилни во вложувањето напори, не само во промоцијата на трговијата со стоки и услуги, туку и во зајакнувањето на гласовите на нашите компании во Западен Балкан. Со интегрирање на нивните потреби и предизвици во нашите политики и иницијативи, поттикнуваме вистинско деловно-ориентирано опкружување. Ова е соработка со деловните субјекти и за деловните субјекти. Затоа, ние сме посветени на отклучување нови можности и поттикнување позитивни промени за бизнисите и луѓето ширум Западен Балкан“, изјави в.д. директорката на ЦЕФТА Данијела Гачевиќ.
Претставниците на двете организации го препознаа потенцијалот на оваа соработка за Западен Балкан, предвидувајќи взаемна корист преку заеднички напори и заедничка експертиза во следните четири години.