Европската комисија покрена истрага против социјалните мрежи Facebook и Instagram, во сопственост на технолошкиот гигант Meta, поради сомнежи дека не ги почитуваат своите обврски во борбата против дезинформациите. Овие обврски произлегуваат од Законот за дигитални услуги.
„Оваа Комисија создаде средства за заштита на европските граѓани од насочени дезинформации и манипулации од трети земји и ако се сомневаме дека има прекршување на правилата, ние постапуваме“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа додаде дека борбата против дезинформациите е особено важна за време на изборната кампања.
Комисијата ќе ја фокусира својата истрага на сомневањата дека Meta не ги исполнува своите обврски според Законот за дигитални услуги поврзани со ширење на погрешни реклами, кампањи за дезинформации и координирано лажно однесување во ЕУ.