Првиот вселенски лет на Boeing со екипаж беше одложен два часа пред лансирањето поради безбедносни проверки, објави американската вселенска агенција NASA.
Астронаутите Буч Вилмор и Суни Вилијамс беа на своите позиции во капсулата Starliner кога беше донесена одлуката да се одложи лансирањето поради потенцијален проблем со вентилот за ослободување кислород.
Леталото требаше да лансира од Кејп Канаверал, Флорида, до Меѓународната вселенска станица, а нов обид се очекува веќе во петок.
Инаку, мисијата во изминатите години неколку пати беше одложувана поради доцнење во развојот на леталото.
„Го напуштаме обидот за лансирање вечерва. Како што реков претходно, првиот приоритет на НАСА е безбедноста. Ќе ја лансираме сондата кога ќе бидеме подготвени“, рече шефот на НАСА, Бил Нелсон.
Boeing има за цел да стане втора приватна компанија која ќе превезува екипаж до Меѓународната вселенска станица и назад на Земјата по SpaceX на Илон Маск.
SpaceX успеа во тоа во 2020 година кога успешно ја лансираше капсулата Dragon и со тој лет беше прекината речиси десетгодишната зависност на САД од руските вселенски ракети.
Првиот беспилотен лет на Starliner требаше да се одржи во 2015 година, но беше одложен за 2019 година. Кога капсулата беше лансирана, софтверските проблеми предизвикаа дефект на внатрешниот часовник, што предизвика прегревање на погоните. Притоа се потрошило премногу гориво, па капсулата не можела да стигне до МВС.
Вториот обид беше планиран за август 2021 година, но беше одложен за мај 2022 година поради проблеми со погонскиот систем. Кога Starliner конечно ја напушти Земјата, можеше да ја заврши својата мисија, но сè уште имаше загриженост за перформансите на некои од погоните и системот за ладење на вселенското летало.