Како што веќе се најавуваше со месеци, пристигна големото освежување на серијата таблет уреди на Apple. Компанијата ги објави новите модели на iPad Air, како и новите iPad Pro уреди кои пристигнуваат со M4 чип.
По лансирањето на Vision Pro во февруари, Apple се врати на сцената со нови производи. Поканата испратена до медиумите за настанот наречен „Let Loose“ прикажуваше илустрација со Apple Pencil во главниот фокус, што јасно покажа дека е време за долгоочекуваното освежување на iPad линијата на компанијата.
iPad Air
Освежениот iPad Air за 2024 година првпат доаѓа со две големини на екранот – 11-инчи и 13-инчи. Двата модели имаат исти карактеристики и новата камера е поставена во пејзажна ориентација, што според Apple, го олеснува остварувањето видео повици. Дополнително, вака се поставени и стерео звучниците, при што верзијата од 13 инчи доаѓа со малку подобар систем за посилен бас.
Понатаму, новите модели на iPad Air работат на М2 чипот, кој нуди до 50 проценти подобри перформанси во споредба со M1 што го користеше претходниот Air. Заедно со новиот чипсет, има и некои нови функции, како што е Pencil Hover, кој досега можеше да се користи само на iPad Pro.
Добрата вест е дека освежениот iPad Air доаѓа со почетна внатрешна меморија од 128 GB и чини 599 долари за 11-инчната верзија и 799 долари за 13-инчната верзија во САД.
iPad Pro
Главна ѕвезда на настанот секако беше новиот iPad Pro, кој доаѓа и во верзии од 11 и 13 инчи. Компанијата истакна дека се работи за најтенкиот уред кој Apple го претставил досега, па така 11-инчната верзија е дебела 5,3 милиметри, а 13-инчната верзија само 5,1 милиметри. И двата модели користат Tandem OLED екран, односно споени два OLED панели, кои продуцираат вкупна осветленост од 1.000 нита и врвна од 1.600 нита. Apple ја нарекува новата технологија на екрани Ultra Retina XDR.
Најголемото изненадување е секако дека новите модели на iPad Pro се напојувани од M4 чипот направен на втората генерација од 3-нанометарскиот производствен процес. Станува збор за 10-јадрен процесор кој, барем според тврдењата на Apple, е до четири пати побрз од iPad Pro со M2 чип и 10 пати побрз од првата генерација на iPad Pro.
Apple се пофали и со нов Neural Engine со 16 јадра што извршува дури 38 трилиони операции во секунда. Дополнително, беа истакнати и куп нови функции за вештачка интелигенција кои најмногу ќе ги користат креаторите на видео содржини и уметниците, а беа најавени и нови верзии на Final Cut Pro и Logic Pro апликациите на iPad OS.
За да се заокружи целата приказна, заедно со iPad Pro, беше претставена и нова Magic Keyboard тастатура со алуминиумска подлога, која сега содржи и горен функционален ред за брзи кратенки и поголем тракпад кој потсетува на Macbook. Нов е и Apple Pencil Pro, кој доаѓа со жироскоп, хаптички повратни информации и поддршка за FindMy доколку биде изгубен. Треба да се напомене дека Pencil Pro може да се користи и на iPad Air.
Почетниот iPad Pro во 11-инчната верзија доаѓа со 256 GB внатрешна меморија и чини 999 долари во САД, додека цената за 13-инчната верзија е 1.299 долари. Од друга страна, Magic Keyboard започнува од 299 долари, додека Apple Pencil Pro чини 129 долари.
Целиот настан можете да го проследите на видеото подолу