Марс како и Сонцето, се чини дека исфрла плазма од својата атмосфера, што е малку неочекувано со оглед на тоа што Црвената планета нема глобално магнетно поле.
Имено, кога магнетните полиња во јонизираниот гас (плазма) околу ѕвездата наеднаш го менуваат правецот или се преполоват, доаѓа до голем излив на енергија, односно исфрлање на коронална маса.
Астрономите забележале сличен феномен во горната атмосфера на Марс исполнета со плазма, иако планетата има само „џебови“ од магнетно поле, а не глобално магнетно поле како Сонцето. Но, до неодамна на Црвената планета не беа забележани масовни исфрлања, пишува New Scientist.
Три масивни изливи на плазма
Физичарот Лу-Чуанг Ли од Институтот за науки за Земјата во Тајван и неговите колеги, додека ги анализирале податоците од сателитот на НАСА за Марс атмосфера и испарлива еволуција (MAVEN), забележале три експлозивни масовни исфрлања од јоносферата на Марс што се случиле во 2014 и 2019 година.
Овој феномен не се забележува лесно на Марс, за разлика од масовните исфрлања од Сонцето, кои се доволно густи за да ја рефлектираат сончевата светлина и можат да се видат од Земјата. Така, научниците бараа области во јоносферата каде што очигледно нема плазма.
Ако ова се случува во атмосферата на Марс, може да се случува и на други планети
Ли и неговите колеги мислат дека исфрлањата на Марс се предизвикани од интеракциите помеѓу неговото нерамномерно магнетно поле и сончевиот ветер.
Постојаниот прилив на наелектризирани честички предизвикува раскинување на линиите на магнетното поле на планетата и исфрлање на плазмата.
„Ако ова се случува во атмосферата на Марс, тоа може да значи дека слични процеси се случуваат на други планети кои исто така немаат глобално магнетно поле, како што е Венера“, вели физичарот Метју Овенс од Универзитетот во Ридинг во Велика Британија.
Истражувањето In situ observation of mass ejections caused by magnetic reconnections in the ionosphere of Mars беше објавено во списанието Nature Astronomy.