Терестична планета двојно поголема од Земјата и позната како 55 Cancri-e е откриена со вселенскиот телескоп James Webb.
Овој тип на планета со цврста површина е откриен од научниците на NASA, а се нарекува супер-Земја бидејќи е поголема од Земјата, но помала од Нептун, објави Nature.
Таа е меѓу ретките планети со цврста површина надвор од Сончевиот систем со атмосфера составена од јаглерод диоксид и јаглерод моноксид.
Температурите на вриење на планетата, кои можат да достигнат и до 2.300 степени Целзиусови, значат дека на неа веројатно нема да постои живот.
Научниците велат дека откритието е ветувачки знак дека може да има и други такви карпести планети со густа атмосфера кои би можеле да бидат погостопримливи. Егзопланетата оддалечена 41 светлосна година е осум пати потешка од Земјата и орбитира околу својата ѕвезда Коперник толку блиску што има постојани дневна и ноќна страна.
Површината на Канкри е покриена со океани од магма, а за да го идентификуваат составот на нејзината атмосфера, истражувачите ги проучувале снимките од вселенскиот телескоп Веб пред и откако планетата поминала зад својата ѕвезда.
Тие ја одделиле светлината што ја емитува планетата од онаа што ја емитува ѕвездата и ги користеле податоците за да ја пресметаат температурата на планетата.
Гасовите од океаните со магма може да играат клучна улога во одржувањето на стабилна атмосфера.
Истражувањето на оваа супер-Земја, исто така, може да обезбеди индиции за тоа како Земјата и Марс најпрво еволуирале со океаните со магма кои оттогаш се оладиле, велат научниците.
Ренџу Ху, планетарен научник во лабораторијата за млазен погон на NASA, кој го водел истражувањето, заклучил дека ова е ретка можност за истражувачите да ја проучуваат оваа фаза од еволуцијата на планетата.