Нема официјални податоци, но според информациите на аналитичка компанија специјализирана за сателитската индустрија, Starlink е во плус.
Поминаа речиси десет години откако SpaceX ги објави своите планови да испрати бројни сателити во вселената кои ќе им овозможат на луѓето во секој дел на Земјата можност за брз и стабилен интернет. На почетокот, поради сложеноста и големите предизвици на еден ваков проект, многумина беа прилично скептични за плановите на Маск, особено што во тоа време најголемата констелација на сателити беше сателитската мрежа Иридиум со само 66 сателити.
Но, тимот од SpaceX беше упорен во нивниот план и во мај 2019 година ги лансираше првите сателити во вселената и продолжи да испраќа нови сателити постојано во последните пет години.
Според податоците на Quilty Space, аналитичка компанија специјализирана за пазарот на сателити, ни најоптимистите не очекуваа таков успех каков што досега постигна SpaceX со Starlink и ги фатија повеќето луѓе во индустријата неспрмни. Во моментов, има околу 5.200 сателити Starlink во ниската орбита на Земјата кои обезбедуваат услуги во 57 земји низ светот, додека бројот на корисници на сателитите е околу 2,7 милиони. Иако цената на сателитски интернет е многу повисока во споредба со класичната оптика и мобилниот интернет, сепак има места во светот, вклучувајќи ги и руралните области во развиените земји, каде што сè уште не е достапен брз интернет. Во такви области, Starlink се чини дека е идеален начин за пристап до интернет.
Starlink е дел од SpaceX и оваа компанија не ги објавува своите финансиски резултати, така што можеме да се потпреме само на неофицијални податоци од аналитички компании. Според податоците кои ги објави Quilty, Starlink веќе е профитабилен, а годинава очекуваат профит од речиси 3,8 милијарди долари (пред оданочување и амортизација). Според проекциите на експертите на оваа компанија, приходите би требало да изнесуваат 6,6 милијарди долари, што е сосема неверојатно за компанија која пред 4 години немала речиси никакви приходи.
Покрај големиот раст на приходите, аналитичарите го фалат и начинот на кој SpaceX управува со трошоците, што резултираше со профит. Имено, компанијата развива и произведува сопствени сателити и ја сведе на минимум соработката со добавувачите и трети страни во производството. Исто така, успеаја да направат нешто што досега не успеале на претходните производители на сателити, односно веројатно немале ниту потреба од тоа, а тоа е воспоставување производствена линија за производство на голем број сателити.
Производната цена на еден таков сателит, верзијата 1.0, е околу 200 илјади долари, но оваа година компанијата веќе ја планира верзијата 3.0 на сателитот, која нуди подобрени можности, вклучувајќи поголема брзина на интернет и можност за поврзување на мрежата без потреба од специјални терминали.
Иако оваа вест е охрабрувачка за SpaceX, треба да се нагласи дека конкуренцијата не спие, а во иднина се и конкурентни сателитски мрежи, што веројатно треба да се одрази на намалувањето на цените на сателитски пристап до интернет, а соодветно на тоа и на намалување на профитните маржи на Starlink.