Уредот за проширена и виртуелна реалност Apple Vision Pro добија 3C сертификат во Кина, што значи дека Apple се подготвува за лансирање на уредот надвор од САД.
Иако беше претставен минатиот јуни, Apple Vision Pro беше пуштен во официјална продажба во февруари оваа година и тоа само во САД, но сега компанијата ги подготвува за продажба во други земји. Тоа може да се види од фактот што доби 3C сертификат во Кина, што значи дека таму ќе бидe достапен во текот на оваа година, но се уште нема прецизни информации за датумот на лансирање.
Додека Apple се воздржува од дополнителни информации во врска со лансирањето на Vision Pro надвор од САД, Bloomberg објави дека плановите на компанијата да започне со продажба на уредот во други земји ќе бидат објавени по WWDC конференцијата, која ќе се одржи помеѓу 10 и 14 јуни.
Ова е во спротивност со претходното тврдење на аналитичарот Минг-Чи Куо дека Apple ќе го лансира Vision Pro надвор од САД пред WWDC 20204. Покрај во Кина, упатените очекуваат Apple да го лансира Vision Pro во Австралија, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Сингапур, Јужна Кореја и Велика Британија.
Bloomberg тврди дека стотици вработени во малопродажбата на Apple од овие земји наводно отпатувале во Купертино за да добијат обука за тоа како да им го демонстрираат Vision Pro на клиентите, што укажува дека овие земји ќе бидат меѓу првите меѓународни пазари за Vision Pro.