Претстојниот смартфон Samsung Galaxy S25 Ultra би можел да остане без една камера во споредба со неговиот претходник, актуелниот модел Galaxy S24 Ultra
Иако сме доста далеку од претставувањето на новата Samsung Galaxy S серија телефони, веќе пристигнуваат првите гласини. Една од нив е дека најдобриот модел од новата серија, Galaxy S25 Ultra ќе остане без една камера во однос на Galaxy S24 Ultra, што значи дека наместо четири, ќе има три задни камери.
Се предвидува дека една од камерите која ќе биде изоставена е онаа со телефото објектив и сензор од 10 MP која нуди 3x оптички зум. Како што може да се претпостави, Samsung наместо тоа ќе се обиде да не убеди дека главната камера на S25 Ultra може да фотографира подеднакво добро, ако не и подобро, отколку специјализираната единица со 3x оптички зум.
За тоа, во иднина главната камера наводно ќе добива подобрена обработка на слики, пишува GSM Arena. Главната камера на S25 Ultra се очекува дека ќе ја има истата резолуција и големина на сензорот како онаа на S24 Ultra, но неговата способност да фаќа светлина ќе биде подобрена. Широкоаголната камера, барем во моментов, се вели дека ќе остане непроменета.
Перископ камерата за зумирање на S25 Ultra се тестира со променлив зум со две фиксни фокусни должини, при што првата е помеѓу 4x и 5x, а втората помеѓу 6x и 7x. Според протечените информации, Samsung сè уште не одлучил кои фокусни должини ќе ги избере, но ќе има две од нив.