Microsoft ја претстави новата серија Copilot+ компјутери, кои вклучуваат подобрена верзија на Windows 11, функцијата Recall и поддршка за најновата генерација на процесори на Qualcomm – Snapdragon X Elite и Plus
Како што и се најавуваше, Microsoft во пресрет на Build конференцијата претстави голем број новитети поврзани со вештачката интелигенција, вклучувајќи и нов хардвер, односно персонални компјутери. Извршниот директор на компанијата, Сатја Надела најави и целосно нова категорија компјутери кои Microsoft ги нарече Copilot+ PC, a кои ќе се развиваат во соработка со партнериte како Acer, Asus и други. Од американската компанија очекуваат голема побарувачка за оваа категорија уреди. Сметаат дека брзите асистенти со вештачка интелигенција, кои работат директно на компјутерите ќе бидат доволно добра причина за многумина да ги надградат своите уреди, и се надеваат дека ќе продадат околу 50 милиони компјутери во текот на следната година.
Оваа категорија на компјутери првично ќе ги покренуваат Snapdragon X Elite и Plus процесорите на Qualcomm, а подоцна ќе работат и на Intel и AMD чипови. Тој хардвер содржи невронски процесорски единици (NPU) дизајнирани специјално за задачи со вештачка интелигенција во Windows 11. Како резултат на новиот хардвер, Copilot Plus компјутерите се речиси 60 проценти побрзи во споредба со MacBook Air со M3 чип, се пофали Microsoft.
Новите чипови ќе овозможат извршување на задачите со вештачка интелигенција на самите компјутери, а една од овие нови опции што Microsoft ги воведе на AI PC уредите е Recall. Оваа опција следи сè што прават луѓето на нивните компјутери, од сурфање на веб до гласовни разговори, создавајќи историја од сите тие активности, со цел корисниците да можат накнадно да ги пребаруваат кога ќе им затребаат информациите. За време на демонстрацијата на новата технологија и компјутери, Microsoft ги покажа можностите на гласовниот асистент Copilot, кој се претвори во виртуелен асистент за популарната игра Minecraft.
Меѓу другото, Copilot Plus уредите ќе можат да преведуваат аудио снимки, да препорачуваат одговори на дојдовните пораки, да предлагаат промени во поставките на самите компјутери, а исто така ќе можат и да разговараат со корисниците за работи кои се прикажуваат на екраните.
Новиот таблет модел Surface Pro на Microsoft, односно хибрид помеѓу таблет и лаптоп, е до 90 проценти побрз од неговиот претходник со Intel процесори и за прв пат доаѓа со OLED екран. Достапен е и нов модел на тастатура кој може да се поврзе со уредот наречен Surface Pro Flex Keyboard кој овозможува поудобно и попрецизно пишување. Најевтиниот модел со цена од 999 долари сепак доаѓа со LCD екран, го покренува Snapdragon X Plus процесор и има 16GB RAM и 256GB простор за складирање податоци, а оние кои сакаат уште посилен процесор (Elite) и OLED екран ќе треба да платат најмалку 1.500 долари.
Новиот модел на Surface Laptop доаѓа со нов дизајн и е потенок од неговиот претходник, кој е побрз за повеќе од 80 проценти и доаѓа со батерија која може да издржи до 22 часа работа. Моделот е достапен во верзии со екрани од 13,8 и 15 инчи со почетна цена од 1.000 долари.
Покрај споменатите два Microsoft компјутери, партнерите на оваа компанија веќе ги најавија своите први Copilot Plus уреди – Asus го најави Vivobook S15, HP најави серија за обични корисници (OmniBook X AI) и за професионални корисници и компании (EliteBook Ultra AI), додека Acer го претстави првиот модел со вештачка интелигенција Swift 14 AI итн. Со оглед на тоа дека во денешно време сè се врти околу вештачката интелигенција, можеме да претпоставиме дека многумина, особено компаниите, при купувањето на својот следен компјутер, ќе размислат да платат повисока цена (почетната цена на таквите компјутери е околу 1000 долари) за да купат уред во кој вештачката интелигенција ќе биде на прво место.