Apple планира да лансира преклопен MacBook со дисплеј преку целата површина во 2026 година. Откриени се некои од иновативните карактеристики и очекуваните спецификации
За разлика од своите конкуренти, Apple изгледа помалку фокусирана на смартфони и таблет уреди на преклоп, а повеќе на флексибилен лаптоп со екран преку целата површина.
Аналитичарот Минг-Чи Куо претходно објави дека Apple развива 20,3-инчен MacBook уред за 2027 година, но сега аналитичарот сподели неколку клучни нови детали за футуристичкиот MacBook модел. Еден од тие детали е дека Apple сега цели на побрза најава на уредот во текот на 2026 година.
Еве некои од клучните карактеристики што Куо очекува да ги види во MacBook со екран на целата површина:
- Повеќе опции за флексибилни екрани сè уште се во оптек, со шпекулиран екран од 20,3 инчи кој би можел да биде заменет со панел од 18,8 инчи. Првиот, кога е преклопен, би наликувал на сегашниот MacBook од 14-15 инчи, додека вториот би одговарал на модерен модел од 13-14 инчи како помалиот MacBook Air.
- Уредот се очекува да дебитира во 2026 година, една година порано од претходно објавеното.
- Се очекува MacBook да добие чип од М5 серијата, што се совпаѓа со очекуваната временска рамка на ширење на M4 низ целата Mac линија до крајот на 2025 година.
- Целта на Apple е да обезбеди дизајн без набори за преклопниот екран.
Еве што вели Куо за дизајнерските амбиции на Apple:
„Apple има за цел да го направи панелот колку што е можно повеќе без набори, барајќи високи дисајнерски спецификации за панелот и шарката. Како резултат на тоа, трошоците за панелите и шарки се многу високи, а сегашните прелиминарни проценки се околу 600–650 долари и 200–250 долари“, известува 9to5Mac.
Оваа висока цена на компонентите значи дека се очекува MacBook да достигне почетна цена што далеку ја надминува сегашната линија на лаптопи на Apple. Куо пишува:
„Поради високите трошоци на екранот и шарката, преклопниот MacBook најверојатно ќе биде скап. Освен ако Apple не може значително да ги подобри приносите и да ги намали трошоците пред масовното производство, вкупните трошоци за сите материјали на флексибилниот MacBook би можеле да се приближат до оние на сегашниот Vision Pro”.