Samsung Galaxy Watch7 Ultra, кој се очекува во текот на летото, може да изненади со својата форма, откриваат рендери на уредот. Тие доаѓаат од OnLeaks и Smartprix и прикажуваат уред со правоаголно тело што донекаде потсетува на Apple Watch Ultra.
Сепак, за разлика од моделот на Apple, Galaxy Watch7 Ultra користи кружен дисплеј, кој изгледа малку изненадувачки во правоаголното куќиште со заоблени агли. На сликите се гледа и додавање на дополнително хардверско копче, како и присуство на поголем звучник.
Секцијата за сензорите во долниот дел исто така изгледа различно, а ремените се чини дека имаат нов механизам за заклучување, бидејќи изгледаат поинтегрирани во куќиштето. Според информациите, уредот повторно ќе понуди 1,5 инчен дисплеј сличен на Galaxy Watch6 Classic.
Сè уште нема нови детали за часовникот, но се шпекулира дека нуди нов чипсет, поиздржлива батерија со побрзо полнење, па дури и функции како следење на шеќерот во крвта. Во секој случај, не останува долго да чекаме, бидејќи се очекува премиерата на Galaxy Watch7 Ultra да се одржи на почетокот на јули во Париз.
Тогаш би требало да ги видиме новите преклопни смартфони на Samsung, повеќе паметни часовници во Galaxy Watch7 серијата, официјалната премиера на Galaxy Ring, а можеби и нови безжични слушалки.