Кина го основа најголемиот државен инвестициски фонд за полупроводници во вредност од 47,5 милијарди долари, а со инвестиции од шесте најголеми државни банки во земјата, фондот ги нагласува напорите на кинескиот лидер Си Џинпинг да ја зајакне позицијата на Кина како технолошка суперсила, објави CNN.
Американската телевизија објави дека Пекинг си поставил цел Кина да ја направи глобален лидер во широк опсег на индустрии, вклучувајќи вештачка интелигенција (AI), безжични мрежи 5G и квантно пресметување.
Најновото инвестициско средство е третата фаза на Кинескиот инвестициски фонд за индустријата за интегрирани кола.
„Големиот фонд“ беше официјално основан во петокот во Пекинг, според Националниот кредитен информативен јавен систем на претпријатијата.
Првата фаза на фондот е основана во 2014 година со 138,7 милијарди јуани (19,2 милијарди долари).
Втората фаза беше основана пет години подоцна, со регистриран капитал од 204,1 милијарди јуани (28,2 милијарди долари).
Инвестициите имаат за цел да ја доближат индустријата за полупроводници во земјата до меѓународните стандарди до 2030 година и ги насочуваат парите првенствено во производство на чипови, дизајн, опрема и материјали, соопшти Министерството за индустрија и информатичка технологија на промоцијата на првата фаза во 2014 година.