Студентите од Факултетот за драмски уметности од денеска до 2 јуни го организираат филмскиот викенд „Хaj-фај“. Во 13 часот на ФДУ ќе биде организирано симулација на филмски сет наменет за средношколци. Станува збор за нова меѓународна филмска платформа направена од студенти за студенти. Истата ќе служи како отскочна даска за промоција на студенти од филмски катедри при нивното прогресирање кон професионалци. Програмата за овој прв настан е поделена на официјална филмска програма со студентски кратки филмови на колеги од Србија, Косово, Словенија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и carpe diem програма, чиј фокус е вмрежување.
Гостите ќе имаат шанса да ги споделат своите искуства, да предложат соработка и да се запознаат со локалните фестивали, меѓу кои „Синедејс – фестивал на европски филм“, Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, „Дрим Шорт“ филмски фестивал, „Бич филм фестивал“, Младински филмски фестивал, „Ѕирни“ фестивал на филм и музика и „Македокс“ фестивал на документарен филм. Додека, актуелните средношколци и матуранти ќе имаат шанса да се запознаат со овогодишните уписи за филмска режија, снимање и монтажа на ФДУ. И за крај музичка ОФФ програма каде, во улогата на диск-џокеи, ќе настапат Миа Ѓоргиевска, Лазар Христов и Јане Вељаноски и Марко Младеновиќ и Христијан Ристески.
Влезот за сите настани е слободен. Целосната програма и распоред се достапни на следниот ЛИНК.
„Хај-фај“ е поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултетот за драмски уметности, Котур кафе и филм, „Мама италијана“ и винарија „Тиквеш“.