Зајакнување на соработка меѓу бизнис заедницата и образовните институции во интерес на студентите и домашната индустрија, беше во фокусот на работилницата организирана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) со претставници на компании партнери.
Работилницата „Подобрување на европско истражување и развој преку соработка меѓу индустријата и високото образование“ е организирана во рамки на проектот INITIATE – Подобрување на европско истражување и развој преку соработка и институционална трансформација, поддржан од програмата за истражување и иновации на Европската комисија, Horizon Europe.
Деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии проф. д-р Владимир Атанасовски ги покани претставниците на компаниите да посочат идеи и размислувања за тоа како идните вработени, а актуелни студенти подобро да се подготват за реалниот сектор.
„Проектот INITIATE дава рамка за досегашната соработка да се продлабочи со долгорочен бенефит и за вас и за нас. Односно, целта на проектот INITIATE е да овозможи институционална реформа во високообразовните институции, со цел подобрување на нивните капацитети за истражување и развој. За реализација на проектот потребна е и ваша вклученост, да чуеме какви промени се потребни да ги подготвиме студентите за она за што вам ви е потребно и да придонесеме да ги задржиме во нашата држава. Значи нашата намера е од наша страна да дадеме соодветно знаење да може да конкурира на пазарот на труд, и подобро и поквалитетно“, изјави деканот проф. д-р Владимир Атанасовски.
Овој трансформациски процес е предвиден да се реализира во тесна соработка на високообразовни институции со невладиниот сектор, бизнис заедница и носителите на политики, и ќе биде поддржан со активности за подобрување на капацитетите на сите засегнати страни.
Раководителот на проектот проф. д-р Димитар Ташковски објасни дека работилницата придонесува кон подобрување на иновацискиот екосистем кој ќе придонесе за зелена и дигитална транзиција преку мапирање на моменталната состојба, можностите и предизвиците за соработка меѓу високото образование и индустријата.
„Нас ни требаат вашите идеи и потреби, а ние имаме и ресурси, лаборатории, знаење, како и студентите со кои можеме да ја развиеме идејата, да ја тестираме или заедно да стигнеме до нејзина реализација. Ние имаме мултидисциплинарни тимови за истражување, бргу може да дојдеме до решението, а во рамките на овој проект имаме можности и заедно да работиме на апликации за нови проекти“, објасни проф. д-р Димитар Ташковски, раководител на проектот.
Претставниците на компаниите ја прифатија поканата дополнително да се продлабочи соработката со индустријата со цел да се подготват студентите за идните вработувања, потенцирајќи ја и вредноста која факултетот ја обезбедува за неговите партнери.
„Во изминатите 18 години нашата соработка е во двете насоки, ФЕИТ секогаш помагал со своето техничко знаење, или со препораки за вработување со цел да ги задржиме младите квалитетни кадри дома, но и да ни дадат насоки за наши проекти. За возврат ние им даваме поддршка за она што нив им е потребно. Секогаш имаат идеи кои помагаат да се излезе надвор од концептот на класичен универзитет и со таа цел секогаш финансиски или со опрема ги поддржуваме идеите кои, на крајот придонесуваат за унапредување на условите за студии и развој на младите студенти. Верувам дека оваа платформа ќе креира простор во кој ние секако ќе се вклучиме, затоа што оди во насока да се оствари уште поблизок контакт со бизнис заедницата. И студентите покрај учењето од книгата, да се подготват за работни активности и за барањата на компаниите“, вели Ана Канческа, директор на комерција во „Раде Кончар ТЕП“.
Ване Митев од ХАС Инженеринг посочи дека има простор за промени во едукацијата на студентите и преку имплементација на проектот.
„Потребно е поголема комуникација во однос на размена на знаења и вклучување на студентите во практични проекти и задачи за да може по завршување на студиите полесно и побрзо да се вклучат на пазарот на трудот како и да реализираат сопствени проекти. Во таа насока, во тек е и реализација на донација на опрема за индустриска автоматизација за Факултетот, која понатаму ќе се користи за практични, односно лабораториски вежби на студентите. “, вели Ване Митев од ХАС Инженеринг.