Функцијата за снимање на екранот користи вештачка интелигенција за да обезбеди пристап до речиси сè што корисникот некогаш видел на својот компјутер, но тоа на корисниците не им се допадна
Microsoft најави промени во контроверзната функција за снимање на екранот за новите компјутери напојувани со вештачка интелигенција, откако беше означена како потенцијален „кошмар за приватност“. Оваа функција, позната како Recall, предизвика загриженост кај корисниците и експертите за приватност, што доведе до значителни промени во нејзината имплементација.
Функцијата Recall е воведена како дел од Copilot+ софтверот за нови компјутери на Microsoft. Идејата зад оваа функција беше системот да им го олесни животот на корисниците со снимање и зачувување слики од екранот од нивната активност на работната површина. Функцијата користи вештачка интелигенција за да обезбеди пристап до речиси сè што корисникот некогаш видел на својот компјутер, вклучувајќи фајлови, фотографии, е-пошта и историја на прелистување.
Сепак, многу корисници изразија загриженост дека хакерите би можеле да ја злоупотребат оваа алатка и да ги зачуваат скриншотовите од екранот. Комесарот за информации на Велика Британија започна и истрага за функцијата откако беше изнесена загриженос за приватноста.
Паван Давулури, корпоративен потпретседател за Windows и уреди, изјави: „Добивме јасен сигнал дека можеме да им олесниме на луѓето сами да одлучат дали сакаат да го овозможат Recall на нивниот Copilot+ компјутер и да ја подобрат приватноста и безбедноста“. Тој ја сподели оваа вест во блог пост.
Microsoft одлучи Recall функцијата да ја направи опционална. За време на подесувањето на новите компјутери, корисниците ќе имаат јасна опција да одлучат дали сакаат да зачувуваат слики од екранот, а функцијата стандардно ќе биде исклучена.
Дополнително, корисниците ќе треба да користат Windows Hello автентикација за да ја овозможат оваа алатка, а нивното присуство ќе биде потребно доколку сакаат да ја прегледаат или пребаруваат нивната зачувана активност.
Промените ќе бидат имплементирани пред Copilot+ компјутерите да бидат пуштени во продажба на 18 јуни. Одлуката доаѓа по значителниот притисок од јавноста и експертите за приватност, покажувајќи колку е важно компаниите да ги слушаат повратните информации од корисниците и соодветно да ги приспособат нивните производи.