Годишната конференција за програмери на Apple – WWDC 2024 беше отворена денеска со традиционалната Keynote презентацијата, а оваа годинава фокусот беше исклучиво на софтверот поддржан од вештачка интелигенција
WWDC Keynote се претвори во еден од најважните настани во светот на софтверот воопшто, иако одвреме-навреме Apple презентира и одредени хардверски уреди. Годинава уште од самиот почеток беше јасно дека ќе се зборува исклучиво за софтвер, односно новите оперативни системи visionOS 2, macOS 15, tvOS 18, iOS 18, watchOS 11 и iPadOS 18.
Оперативниот систем за iPhone, iOS 18, кој ќе пристигне наесен, ќе донесе нешто што многумина го чекаа – можност за преместување на иконите на почетниот екран, така што тие повеќе не мора да се подредуваат од врвот до дното. Покрај тоа, сите икони ќе можат лесно да се прилагодат на темниот режим на работа или сите ќе бидат во ист тон, според желбата на корисникот.
Контролниот центар исто така ќе доживее промени, односно ќе понуди повеќе опции и контроли на едно место и со влечење на прстот надолу ќе се отворат неколку „прозорци“ на контролната табла еден по друг. Контролната табла ќе биде приспособлива и со нови опции за поставување икони. Интересно е што контролите на камерата и ламбата на почетниот екран исто така ќе можат да се приспособат во iOS 18, односно да им се даваат други функции.
iOS 18 ја воведува и Apple Intelligence, систем за лична интелигенција за iPhone, iPad и Mac кој ја комбинира моќта на генеративните AI модели со личниот контекст за да обезбеди интелигенција која е неверојатно корисна и релевантна. Базирана на приватноста на корисниците, Apple Intelligence е длабоко интегрирана во iOS 18, iPadOS 18 и macOS Sequoia. Ја користи моќта на чиповите на Apple за разбирање и креирање јазик и слики, преземање активности низ апликациите и цртање од личниот контекст, за поедноставување и забрзување на секојдневните задачи.
Во однос на приватноста, новиот iOS ќе може да го „заклучи“ пристапот до било која индивидуална апликација со биометриска потврда на идентитетот, но и да ги скрие избраните апликации, оние што не сакате другите (кои можеби имаат пристап до вашиот уред) да ги гледаат.
Подобрувања ќе добие и апликацијата за пораки, Messages која донесува нови реакции на пораките, тајминг на пораки, декорација на текст со ефекти и различни стилови, а во иднина пораките ќе може да се испраќаат и преку сателитите (на iPhone 14 и поновите модели). Апликацијата Mail ќе ја добие функцијата за паметно сортирање и категоризација на електронската пошта, апликацијата Maps ќе добиe топографски ознаки, додека Wallet ќе овозможи пренос на пари од уред на уред со нивно поставување во близина еден до друг.
Apple потврди и дека планира да имплементира поддршка за Rich Communication Services или RCS во iOS 18 оваа есен. Шефот за софтвер на Apple, Крег Федериги, ја потврди поддршката за RCS, што ќе овозможи полесна комуникација со корисниците на Android.
Апликацијата Photos на iPhone го донесува „најголемиот редизајн досега“, односно поедноставен интерфејс, нови опции за автоматско организирање албуми, а корисникот ќе може самостојно да ги преуреди сите такви сложени албуми како што му одговара.