Apple на годишната WWDC конференција го објави Apple Intelligence, длабоко интегрирано, персонализирано AI искуство за уредите на Apple, што користи врвна генеративна вештачка интелигенција за подобрување на корисничките искуства на iPhone, iPad и Mac
Како и што се очекуваше, Apple силно загази во подрачјето на генеративната вештачка интелигенција. Компанијата не „измисли топла вода“, туку ги спакуваа сите постоечки технологии на типичен начин на Apple.
Дали Apple конечно ќе претстави достоен конкурент на ChatGPT, Copilot, Gemini и другите добро познати системи за генеративна вештачка интелигенција? Ова е најголемото прашање што беше поставено пред почетокот на WWDC 2024 – годишната конференција за програмери на Apple, на која редовно се дискутира за новите софтверски случувања во екосистемот на Apple.
Apple конечно на крајот на денешната Keynote презентација се осврна на толку очекуваниот AI, но наместо вештачка интелигенција, компанијата го нарекува Apple Intelligence. Шефот за софтвер, Крег Федериги истакна дека сè што се заснова на Apple Intelligence мора да биде сигурно, интегрирано, моќно, интуитивно и персонализирано. Таквата интелигенција ја нарекуваат „персонална“, наведувајќи дека компанијата долго време работела на ова, за да го искористи најдоброто од алатките на генеративната интелигенција. Денеска претставените iOS 18, iPadOS 18 и macOS 15 ќе имаат вградена Apple интелигенција, која на корисникот ќе му го даде најдоброто од себе, притоа штитејќи ја приватноста.
Од можностите се издвојува разбирањето на јазикот, сликите, контекстот и дејствата, за да му се олеснат секојдневните задачи на корисникот со виртуелен асистент. На тој начин, вештачката интелигенција во иднина ќе помогне во она што веќе го видовме на друго место – уредување и креирање текст, сортирање известувања, создавање слики (цртежи, анимации, илустрации) на барање. Она што ќе биде единствено за Apple ќе бидат дејствијата – односно уредите во иднина ќе можат да разбираат природен јазик за да ги извршуваат задачите што ги сака корисникот.
Личен AI асистент
Бидејќи нивната вештачка интелигенција ќе биде високо персонализирана, таа ќе мора да ги користи сите приватни податоци зачувани на уредот, да ги разбере, да ги стави во контекст и на тој начин да стане вистински виртуелен асистент.
Сепак, од Apple велат дека нема да биде неопходно да се ризикуваат податоците, давајќи ги некому на обработка. Затоа, сè ќе се изведува на самите уреди и ќе биде заштитено на самиот чип на Apple што ги „врти“ јазичните и дифузните модели. Ќе бидат поддржани сите уреди со процесори од M серијата М (Mac и iPad), како и iPhone со најмалку A17 Pro процесор (iPhone 15 Pro, iPhone 15 Pro Max или понов).
Она што, пак, ќе се изведува во облак поради преголеми хардверски барања, ќе се пренесе во приватен облак, лоциран на сервери исто така базирани на чиповиte на Apple. Корисничките податоци никогаш нема да се чуваат, туку ќе го користат само она што е суштинско за одредена задача. Сите барања за безбедност и приватност ќе бидат независно проверливи, гласи моќната порака од Apple.
Siri
Личниот виртуелен систем на асистентот е логичната прва дестинација за Apple Intelligence со своите можности. Јазичните модели ќе се користат за подобро разбирање на командите и нивно поставување во контекст. Покрај гласовните команди, Siri ќе може да прима и текстуални команди. Ќе може да му помогне на корисникот и при рабоатат на уредот, да ги прилагоди поставките и да извршува напредни задачи. Беше најавено и дека Siri ќе добие нови функции во текот на следната година.
Покрај активностите во рамките на оперативниот систем, Siri во иднина ќе може да работи и во рамките на надворешните апликации, дури и да поврзува повеќе апликации со своите можности. Сè ќе биде отворено и за програмерите, кои во иднина ќе можат на многу начини да ги користат можностите на AI и Siri во своите апликации.
Текст, слики, емотикони
Покрај Siri, Apple Intelligence ќе го подобри искуството во сите апликации каде што е неопходно да се пишува текст, па ќе може да го преуредува, уредува, менува тонот и стилот и да проверува правописот
Според претходните најави, генеративната вештачка интелигенција ќе се користи и за создавање нови, персонализирани емотикони (Genmoji) за секоја пригода, кои веднаш ќе бидат подготвени за споделување со контактите.
Image Playground ќе биде нов приклучок за креирање фотографии, врз основа на претходно дефинирани сликички, но со кориснички описи. Станува збор за класичен дифузен модел, за кој Apple го приспособи интерфејсот и го олесни пишувањето промптови со неколку кликови, со препораки прилагодени на корисникот и ситуацијата во која се наоѓа. Така создадените илустрации, се разбира, ќе бидат наменети и за споделување или за употреба во апликациите.
За цртање на iPad, вештачката интелигенција исто така ќе биде еден од асистентите – функцијата Image Wand ќе биде како „волшебно стапче“, која сама по себе ќе создава прилагодена содржина на слики. Уредувањето фотографии (отстранување предмети итн.) ќе биде уште полесно со вештачката интелигенција, како и пребарувањето на фотографии и видеа складирани на уредот, само со нивно опишување на природен јазик. Телефонирањето исто така ќе добие и опција за вештачка интелигенција за снимање разговори и последователно создавање транскрипти и резимеа на повици.
ChatGPT
Apple во iOS 18, iPadOS 18 и новиот macOS Sequoia ќе го интегрира популарниот четбот ChatGPT, напојуван од актуелниот модел GPT-4o, а сите сопственици на уредите на Apple ќе имаат пристап до него целосно бесплатно. Најавено е дека во иднина ќе биде достапна и поддршка за некои други јазични модели.
Сè што беше најавено од оваа есен ќе биде достапно на новите оперативни системи на Apple, првично само на англиски јазик.