Apple Watch ќе добие значително подобрени здравствени функции со доаѓањето на watchOS 11, како откривање на хипертензија и следење на бременоста
Денеска со почеток во 19 часот по македонско време почнува Годишната конференција за програмери на Apple (WWDC 2024). Компанијата од Купертино се очекува да објави нов софтвер за своите најпродавани производи, вклучувајќи ги iPhone, iPad, Mac, Apple TV, Vision Pro и Apple Watch.
Меѓу многуте најави, Apple ќе го претстави и новиот watchOS 11 оперативен систем за Apple Watch. Една од значајните карактеристики на ова ажурирање на софтверот е поврзана со апликацијата Health. Според Марк Гурман од Bloomberg, апликацијата Health на Apple Watch ќе добие „подобрено управување со податоците за крвниот притисок – како подготовка за идните Apple Watch уреди со откривање хипертензија“.
Новата функција се подготвува за идниот Apple Watch, најверојатно Apple Watch Series 10, кој ќе биде лансиран оваа есен. Сепак, сè што ќе биде објавено денеска може да биде достапно во некоја форма и на актуелните модели на Apple Watch, вклучувајќи ги Apple Watch Series 9 и Apple Watch Ultra 2.
Подобрувања во Health апликацијата и нов Siri интерфејс
Гурман наведува и дека апликацијата Health „подобро ќе ги приспособи податоците, како што е следењето на циклусот, доколку жената е бремена“. Ажурирањето на watchOS 11 се очекува да воведе ажуриран интерфејс на Siri и „значајни промени“ во некои клучни апликации како Fitness.
Покрај watchOS 11, WWDC ќе ги донесе iOS 18, iPadOS 18, tvOS 18, visionOS 2 и macOS 15. Големиот фокус на сите овие софтверски надградби ќе биде ставен на вештачката интелигенција, иако секако ќе бидат опфатени и други теми.