Realme прави нов исчекор во технологијата за брзо полнење. Во едно неодамнешно интервју, шефот на маркетинг за Realme Global откри дека компанијата во моментов тестира технологија за полнење до 300W.
Realme отсекогаш бил во првите редови кога станува збор за технологијата за брзо полнење. Да се сетиме само на 2021 година, кога компанијата ја претстави својата DartCharge технологија од 65 W на GT Master Edition телефонот која може целосно да ја наполни батерија од 4300 mAh за 33 минути.
Следната 2022 година, Realme го лансираше GT Neo 3 со поддршка за полнење од 150 W, способен да ја наполни батеријата од 4500 mAh од 0 до 50% за само 5 минути. Минатогодишниот флегшип, Realme GT Neo 5 дебитираше со уште поголема брзина на полнење од 240 W, овозможувајќи им на корисниците целосно да ги наполнат своите телефони за помалку од 10 минути. Неговиот наследник сега треба да нуди уште побрзо решение со дури 300W полнење.
Realme го скратува времето на полнење на телефонот на минимум
Во моментов, Redmi е единствениот бренд што ја демонстрираше технологијата за полнење од 300 W за телефони. Нивното демо покажува импресивни резултати, при што телефонот достигнува 50% полнење за помалку од три минути и целосно полнење за нешто помалку од пет минути.
Деталите за технологијата за брзо полнење од 300 W на Realme моментно се оскудни. За време на интервјуто, Вонг не навлегува во подетални спецификации како што се времето на полнење или можните недостатоци. Исто така, не е јасно кога и дали оваа технологија ќе биде достапна во комерцијален модел на мобилен телефон.
Иако побрзото полнење нуди непобитни придобивки, особено за корисниците во движење, постојат и недостатоци. Високите брзини на полнење може да предизвикаат прегревање на телефонот, што директно влијае на здравјето и долговечноста на вградената батерија.
Дополнително, компанијата треба да обезбеди соодветна инфраструктура за поддршка на таква висока моќност на полнење, како што се поголеми и поефикасни системи за ладење со ладилници кои користат парни комори, што од друга страна може да ја зголеми цената на телефонот.