Жените се поотпорни од мажите на условите во вселената и побрзо закрепнуваат кога ќе се вратат на Земјата, покажува американска студија за влијанието на вселенските летови врз астронаутите.
Наодите се прелиминарни, не само затоа што биле проучувани мал број женски астронаути, туку доколку се потврди трендот, тој би можел да се покаже важен за програмите за обновување на летовите со астронаути и изборот на екипажот за идните мисии на Месечината, како и на Марс, пренесува The Guardian.
Предводен од Кристофер Мејсон, професор по физиологија на Weill Cornell Medicine во Њујорк, тим од истражувачи испитувал како имунолошкиот систем реагира на вселенски летови кај двајца мажи и две жени кои летале околу Земјата како цивили во мисијата SpaceX Inspiration4 во 2021 година и ги споредиле наодите со податоци за 64 други астронаути.
Студијата покажала дека активноста на гените е повеќе нарушена кај мажите отколку кај жените и дека било потребно подолго време за да се врати во нормала кај мажите кога ќе се вратат на Земјата.
Еден протеин кој бил засегнат бил фибриногенот, кој е клучен за згрутчување на крвта, пишува Гардијан.
– Досегашните собрани податоци укажуваат дека регулаторниот и имунолошки одговор на гените на летот во вселената е почувствителен кај мажите – заклучиле научниците во студијата објавена во списанието Nature Communications.
Научниците истакнале дека откритието може да влијае на изборот на екипажот, односно дека следните мисии би можеле да опфатат поголем број женски астронаути.
Не е јасно зошто жените би можеле да бидат поотпорни на вселенски летови од мажите, но Мејсон рече дека можноста да се справи со барањата на бременоста може да помогне.
„Способноста да се толерираат големи промени во физиологијата и динамиката на течности може да биде одлична за управување со бременоста, но и за управување со стресот од вселенските летови на физиолошко ниво“, рече тој.