Apple ja најави Apple Intelligence на годинашната WWDC 2024 конференција за програмери, донесувајќи ја генеративната вештачка интелигенција на iPhone, iPad и Mac со силен фокус на приватноста, која ќе биде достапна во бета верзија со новите iOS 18, iPadOS 18 и macOS Sequoia планирани за оваа есен.
Шефот за софтвер на Apple, Крег Федериги на презентацијата истакна дека сè што се заснова на Apple Intelligence мора да биде сигурно, интегрирано, моќно, интуитивно и персонализирано. Таквата интелигенција ја нарекуваат „персонална“, наведувајќи дека компанијата долго време работела на ова, за да го искористи најдоброто од алатките на генеративната интелигенција.
Од можностите се издвојува разбирањето на јазикот, сликите, контекстот и дејствата, за да му се олеснат секојдневните задачи на корисникот со виртуелен асистент. На тој начин, вештачката интелигенција во иднина ќе помогне во она што веќе го видовме на друго место – уредување и креирање текст, сортирање известувања, создавање слики (цртежи, анимации, илустрации) на барање. Она што ќе биде единствено за Apple ќе бидат дејствијата – односно уредите во иднина ќе можат да разбираат природен јазик за да ги извршуваат задачите што ги сака корисникот.
Apple Intelligence сè уште нема официјален датум на лансирање, но ќе биде достапна во бета верзија со пристигнувањето на ажурирањата на iOS 18 и macOS Sequoia оваа есен за одредени уреди.
Уредите што ги поддржува Apple Intelligence се следните:
- iPhone 15 Pro
- iPhone 15 Pro Max
- iPad Air M1 и понов
- iPad Pro M1 и понов
- MacBook Air M1 и понов
- MacBook Pro M1 и понов
- iMac M1 и понов
- Mac mini M1 и понов
- Mac Studio M1 Max и понов
- Mac Pro M2 Ultra