NASA по грешка емитуваше симулација на астронаут кој се лекува од болест на декомпресија на Меѓународната вселенска станица (МВС), што предизвика шпекулации на социјалните мрежи за можна вонредна состојба.
YouTube каналот на NASA во живо емитуваше аудио снимка која покажува дека член на екипажот боледува од последици од болест на декомпресија, објави оваа организација на својот официјален профил на социјалната мрежа Х.
Во видеото, женски глас бара од екипажот „да го врати командантот во одело“, да му го провери пулсот и да му даде кислород, а подоцна вели дека прогнозата за неговото здравје е „лоша“. NASA не ги потврди снимките ниту пак го реобјави аудиото.
Неколку вселенски ентузијасти објавија линк до аудио снимка на мрежата Х предупредувајќи дека има сериозна вонредна состојба на МВС.
„Ова аудио е ненамерно и погрешно пренасочено од тековната симулација во која членовите на екипажот и копнените тимови се обучени за различни сценарија во вселената и не е поврзана со вистински итен случај“, се вели во соопштението на контролата на мисијата МВС.
Во соопштението се нагласува дека „нема вонредна ситуација“ на станицата.
There is no emergency situation going on aboard the International Space Station. At approximately 5:28 p.m. CDT, audio was aired on the NASA livestream from a simulation audio channel on the ground indicating a crew member was experiencing effects related to decompression…
— International Space Station (@Space_Station) June 13, 2024
Болеста на декомпресија е предизвикана од меурчиња од азот или други гасови во крвотокот поради промена на атмосферскиот притисок. Ова може да влијае на централниот нервен систем и е потенцијално фатално.
Моментно на МВС се наоѓаат американските астронаути Мајкл Барат, Метју Доминик, Трејси Калдвел-Дајсон и Џанет Ипс, и руските космонаути Николај Чуб, Александр Гребенкин и Олег Кононенко. Последниот е апсолутен светски рекордер по времето поминато на МВС.