Вселенските летови ја менуваат структурата и функцијата на бубрезите, а галактичкото зрачење предизвикува трајно оштетување на овие органи.
Ова значително би ја загрозило секоја мисија на Марс, според истражувањето на научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL).
Студијата, објавена во Nature Communications, е најголемата анализа за здравјето на бубрезите во вселената и ги вклучува првите здравствени податоци од комерцијални вселенски астронаути, соопшти UCL.
– За оваа деценија веќе се планирани мисии во длабоката вселена. Сепак, здравствените последици од микрогравитацијата и галактичкото космичко зрачење за време на повеќегодишните мисии на најважните внатрешни органи како што се бубрезите се главно неистражени. Извршивме биомолекуларни, клинички, хемиски и морфометриски анализи на примероци и податоци од 11 глувци на вселенски летови, 5 луѓе, 1 стаорец во симулирана микрогравитација и 4 глувци изложени на симулирано галактички космичко зрачење. Откривме дека вселенските летови предизвикуваат дефосфорилација на бубрежниот транспортер, што може да укаже дека зголемениот ризик од нефролитијаза кај астронаутите е бубрежна појава, а не само секундарна последица на губење на коскената маса, ремоделирање на нефронот и оштетување на бубрезите кога се изложени на дози на симулирано космичко зрачење како да патувале на Марс – се наведува во студијата.
Ризиците поврзани со вселенските летови се познати уште од 1970-тите, откако луѓето почнаа да патуваат надвор од магнетното поле на Земјата. Меѓу нив се губење на коскената маса, слабеење на срцето и видот, како и формирање на камења во бубрезите.
Се смета дека многу од овие проблеми се поврзани со космичкото зрачење, од сончевите ветрови до галактичкото космичко зрачење, од кое нѐ штити магнетното поле на Земјата. Повеќето вселенски летови биле во ниска орбита, каде што има делумна заштита, а само 24 луѓе полетале на Месечината, каде што биле изложени на галактичко космичко зрачење помеѓу 6 и 12 дена, според UCL. Никој не ги проучувал промените во бубрезите и другите органи за време на долготрајните патувања надвор од магнетното поле на Земјата.
Најзагрижувачкото откритие, особено за патувањето на Марс кое би траело три години, е дека бубрезите на глувците кои биле изложени на радијација 2,5 години имале трајно оштетување и престанале да им функционираат.
– Знаеме што се случува со астронаутите на релативно кратките мисии во вселената што беа извршени досега, во однос на здравствените проблеми како што се камењата во бубрезите. Она што не го знаеме е зошто се случува ова, ниту што ќе се случи со астронаутите на подолги летови како што е предложениот лет до Марс. Ако не развиеме нови начини за заштита на бубрезите, би рекол дека ако астронаутите стигнат до Марс, ќе им треба дијализа на враќање. Знаеме дека бубрезите доцна покажуваат оштетување, а кога ќе стане јасно, веќе е доцна да се спречи нивниот колапс, што би било катастрофално за мисијата – изјави д-р Кит Сиу, автор на студијата и истражувач на UCL.
Авторите велат дека иако ова претставува сериозна пречка за патувањето до Марс, неопходно е да се идентификува проблемот пред да се дојде до решение.