TikTok одлучи да ги покрие сите аспекти на социјалните медиуми со своите апликации. ByteDance, компанијата која стои зад TikTok, тивко лансираше нова социјална апликација која многу наликува на Instagram.
Станува збор за апликацијата Whee која веќе е достапна за уредите со Android, но засега само во одредени земји. Според програмерот, Whee е нова социјална апликација создадена за корисниците да останат поврзани со блиски пријатели преку спонтани моменти во животот. Во суштина, се работи за апликација слична на Instagram која им овозможува на корисниците да снимаат и споделуваат фотографии од реалниот живот со своите пријатели.
Овој потег е малку чуден со оглед на тоа што ByteDance неодамна го лансираше TikTok Notes, друга апликација која е многу инспирирана од Instagram. Навистина, Whee има повеќе персонален пристап со тоа што им дозволува само на пријателите да гледаат фотографии и да комуницираат, но причината за постоењето на оваа апликација сè уште е нејасна бидејќи веќе постои една со истата функционалност.
Со оглед на тоа дека се работи за „тивко лансирање“, останува да се види дали ByteDance со време ќе го пласира Whee ширум светот или тоа е само тест со кој се „опипува пулсот на пазарот“.