Освен што треба да се заштитите себеси од пеколните горештини, треба да го заштитите и смартфонот од топлината.
Високите температури не се добри ниту за нашите гаџети. Како што нагласи експертот за поправка на телефони Карстен Фрауенхајм во интервју за Axios, денешните телефони имаат посилен и помоќен хардвер, но внатре во нивното мало куќиште нема простор за активно ладење како вентилаторот како кај лаптоп компјутерите.
Како што се зголемува надворешната температура, се зголемува и внатрешната температура на телефонот, а ако телефонот се прегрее, може да се исклучи сам. На екранот на телефонот ќе се појави порака за прегревање и исклучување, по што нема да можете повторно да го вклучите телефонот некое време и ќе треба да чекате да се олади. Во најлош случај батеријата може дури и да се прошири и да се запали, но таквите случаи за среќа се многу ретки.
За да избегнете прегревање, мора да бидете сигурни дека уредот не е изложен на директна сончева светлина. На пример никогаш не го оставајте во жежок автомобил, а не е ни препорачливо да го оставате на директна сончева светлина во домот, особено не на температурите што ќе ги имаме деновиве.
Исто така, не се препорачува прекумерно користење на телефонот додека температурите се толку високи, а доколку почувствувате дека телефонот почнува да се прегрева, експертите советуваат да ги исклучите опциите и апликациите кои работат во позадина како Вluetooth, WiFi, GPS и други, а не е препорачливо да користите апликации кои бараат повеќе, како што се видеоигрите. Колку помалку опции се користат, толку помалку ќе има оптоварување на процесорот, што исто така ќе го намали загревањето.
Ако вашиот телефон навистина се вжешти или прегрее, има неколку работи што можете да ги направите за да му помогнете да се олади што е можно побрзо. Прво, не го поврзувајте со полначот, а доколку се полни, веднаш исклучете го од полначот. Исто така, исклучете го телефонот одредено време и ставете го на поладно и потемно место, за што побрзо да се излади. Доколку користите заштитна маска на телефонот, се препорачува да ја извадите, а помага да се намали температурата и ако го ставите телефонот под вентилатор или ако го вклучите клима уредот во автомобилот или дома. Генерално, се советува да почекате најмалку 15 минути пред повторно да го активирате телефонот, за да бидете сигурни дека уредот се оладил.
Во повеќето случаи, доколку телефонот се прегрее и ако сам се исклучи, не би требало да има последици за самиот уред и батеријата, но внимавајте тоа да не се случи особено за време на жештините како денес.