За сите оние кои сакаат да имаат 5G телефон, а не се подготвени да платат висока цена, T Phone 2 Pro е многу привлечен уред со атрактивни спецификации
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Иако не е често, телекомуникациските оператори ширум светот знаат да лансираат на пазарот паметни телефони под својот бренд и да им ги понудат на корисниците по поволни цени. На тој начин, корисниците ќе добијат уред, за кој реално, би платиле повеќе, а операторот е сигурен дека барем уште некое време ќе бидат во нивната мрежа. Во втората половина на мај оваа година, и Македонски Телеком, кој е дел од Дојче Телеком групацијата ги претстави T Phone телефоните од втората генерациија – T Phone 2 и T Phone 2 Pro, коишто се развиени во партнерство со Google и се наменети за сите оние кои сакаат да имаат 5G телефон, а не сакаат да платат висока цена.
Дизајн и екран
T Phone 2 Pro нуди две мали посебни карактеристики во споредба со другите модели во ценовниот опсег. Мора да се признае, копчето за вклучување во магента боја е повеќе убав детал отколку карактеристика, но се издвојува од остатокот на темно синото куќиште. Од долната страна е присутен приклучокот за слушалки, кој е сместен веднаш до USB-C приклучокот за полнење. Во денешно време ова е навистина реткост – само производителите како Asus сè уште редовно ја користат оваа функција, но фановите на жичените слушалки ќе бидат среќни поради ова. Сепак, T Phone 2 Pro не смее да оди под вода: Според IP-54 сертификатот, тој е заштитен само од прскање вода. Во ценовниот опсег до 300 евра, ова е повеќе правило отколку исклучок.
T Phone Pro е прилично голем телефон со огромен AMOLED дисплеј од 6,82 инчи на предната страна и четири камери на задната страна. Релативно е тенок и лесен и целосно изработен од поликарбонат, но не остава лош впечаток во рака. Еден од најголемите адути на T Phone 2 Pro е 6,8-инчниот екран, со висока резолуција од 2408×1080 пиксели (густина од 400 пиксели по инч) и фреквенција на освежување од 120 херци, за помазно скролање и движење низ апликациите. За споредба, стандардниот T Phone 2 користи LCD дисплеј, каков што имаше првата генерација на Pro моделот.
Неговите габарити добро се чувствуваат кога подолго го држите уредот во рака или кога ќе пробате да извршите нешто на дисплејот само со еден палец. Но, тоа дефинитивно не му е минус. Бидејќи огромниот AMOLED екран овозможува комотно прелистување на интернет и социјалните мрежи, но и пријатно играње на мобилни игри и гледање на мултимедиски содржини, како филмови или фотографии. Сепак, треба да се напомене дека дисплејот не доаѓа со некоја дополнителна заштита од гребнатини и оштетувања, па купувањето на заштитно стакло или фолија е топла препорака за сите корисници што ќе го купат уредот. Рамката околу дисплејот е прилично тенка од три страни, но во долниот дел е доста поголема.
Четири задни камери
Она што доминира во надворешниот изглед на уредот е системот од четири камери од 50MP сместени на задната страна во комбинација со LED блиц. За разлика од неговиот претходник, модулот на камерата на задната страна повеќе не е вграден во куќиштето. Тука е главната камера со 50 мегапиксели (MP), плус три дополнителни камери, сензор за длабочина од 2 MP, ултра широкоаголна леќа од 5 MP за доловување на целосни пејзажи и групни моменти и макро сензор од 2 MP за остри, детални снимки направени од кратко растојание. Главната камерата со висока резолуција на T Phone Pro 2 вклучува оптичка стабилизација на сликата, а тоа значи дека острината на фотографиите е можна дури и при силно движење.
Треба да се додаде дека на предната страна е сместена и селфи камерата од 16 MP, што е повеќе од доволно за снимање на селфи фотографии и видео повици. Предната камера е фабрички поставена со филтер за убавина кој веднаш ги измазнува сите нерамнини на лицето што се фотографира – и тоа го прави со голема успешност. Сепак, оваа функција може да се деактивира, па деталите и живоста се враќаат на лицето.
Перформанси, софтвер, батерија
Во првата генерација на T Phone Pro беше користен Dimensity 700 процесорот на MediaTek, но T Phone 2 Pro го покренува понапредниот 8-јадрен Snapdragon 6 Gen 1 чип на Qualcomm со 5G конекција и во комбинација со 8 GB RAM меморија. Иако се уште не може да ги достигне поскапите флегшип модели, новиот процесор навистина се исплатти, бидејќи овозможува побрза работа на смартфонот и подобар гејминг, односно играње на мобилните игри со повеќе фрејмови во секунда.
Внатрешната меморија на T Phone 2 Pro се одликува со 256 GB простор за складирање, а доколку тоа не е доволно, може да се смести и мемориска картичка во слотот на левата страна. Ова стана исто толку ретко во индустријата како и приклучокот за слушалки. Безбедноста ја гарантира со брзиот читач на отпечатоци поставен странично и помалку сигурниот Face Unlock за отклучување со лицето. Поддржан е Wifi 6E стандардот, како и NFC технологијата што нуди можност за плаќање. Квалитетот на повиците е уреден, а поддржана е и опцијата за користење на две SIМ картички истовремено. Двојната SIM картичка може да се користи само со T Phone 2 Pro во комбинација со физичка SIM картичка и eSIM. Смартфонот работи со Android 14 како стандард, а Телеком ветува уште две години софтверски надградби. Безбедносните ажурирања се достапни уште подолго: компанијата обезбедува ажурирања пет години. Има дури и месечни ажурирања за првите три години.
Батеријата со капацитет од 5000mAh е без сомнение еден од најсилните адути на овој телефон. Со оглед на штедливиот процесор и поголемата резолуција на AMOLED екранот, овој телефон лесно ќе издржи два дена со едно полнење или еден ден интензивно користење. Поддржува брзо жично полнење од 25W преку USB C портот и Qi безжично полнење од 15W, што не е често случај со телефоните со толку ниска цена.
Green Magenta
Новите уреди се доказ дека еко дизајнот и извонредната цена и перформанси не се исклучуваат меѓусебно. T Phone 2 и T Phone 2 Pro се издвојуваат во однос на одржливоста. Тие постигнаа одлични еко рејтинг резултати. Со оцена 88/100 за T Phone 2 и 84/100 за T Phone 2 Pro, двата уреди котираат високо во рангирањето.
Смартфоните се стекнаа и со ознаката „Green Magenta“ на Дојче Телеком, којашто се доделува на производи што придонесуваат во заштитата на животната средина и одговорното користење на ресурсите.
T Phone 2 Pro се карактеризира со натпросечна можност за рециклирање и заедно со T Phone 2 доаѓа во мало пакување изработено од одржливи материјали што не содржат пластика. Оптимизираната употреба на полупроводници ги намалува емисиите на стакленички гасови во текот на производствениот процес.
Во однос на корисниците, одржливото користење е потпомогнато од фактот што новиот T Phone 2 Pro добива месечни софтверски и безбедносни ажурирања од Телеком, како и ажурирања на системот на Google во период од три години. Во четвртата и петтата година, ажурирањата на софтверот ќе бидат достапни секое тримесечје. Двата модела ќе добијат по две надградби на оперативниот систем.
Финален заклучок
T Phone 2 Pro 5G на Македонски телеком е телефон направен по мерка на операторот. Главна задача му е да понуди 5G конекција, голем екран, пристојни камери, солидни перформанси и издржлива батерија по поволна цена. Генерално гледано, можеме да заклучиме дека T Phone 2 Pro пријатно не изненади со своите можности. Постојат некои ситници кои ни пречеа, но само затоа што производителите на паметните телефони во високиот ценовен ранг не размазија со најновите технологии. Кога T Phone 2 Pro го споредуваме со уредите во неговата ценовна категорија, се работи за извонреден однос на цената и можностите што ќе ги добиете.
За сите оние кои сакаат да имаат 5G телефон, а не се подготвени да платат висока цена, овој уред ќе биде исклучително привлечен. Посебно бидејќи има двегодишна гаранција и петгодишна поддршка за безбедносни ажурирања на оперативниот систем.
T Phone 2 Pro со 256 GB простор за складирање и во Azurite сина боја може да се набави во Македонски Телеком по цена од 17.490 денари
T Phone 2 Pro |
|
Екран |
|
Димензии |
|
Чипсет |
|
Камера |
|
Меморија |
|
Батерија |
|
Полнење |
|
Оперативен систем |
|
Мрежа и поврзување |
|
Безбедност |
|
Водоотпорност |
|
Оценка и цена |
|