Има помалку крзно од традиционалниот сопатник, но шестоножното роботско „куче водич“ еден ден ќе може да им помогне на лицата со оштетени вид да живеат понезависно, велат од тимот задолжен за неговиот развој во Шангај.
Кучето робот, кое моментно се тестира на терен, се движи по своето окружение со помош на камера и сензори, а може да препознава и семафори.
Има големина на англиски булдог, но е нешто поширок и со слабовидната личност може да комуницира преку слушање и говор, а користи технологија на вештачка интелигенција за препознавање на гласови, планирање на рути и разликување на семафори. Има шест нозе, за кои истражувачите велат дека дека му помагаат да оди лесно и со максимална стабилност.
„Кога се трите нозе кренати, и натаму има три нозе на земја. Тоа е најстабилен облик“, рекол професорот Гао Фенг, шеф на истражувачкиот тим на Шангајскиот универзитет Јиао Тонг.
Сопружниците Ли Феи и Жу Сибин се некои од лицата од оштетени вид кои му помагаат на истражувачкиот тим да го тестира роботот со команди на кинески јазик.
Ли е целосно слеп, а Жу гледа само малку и обично користи бастун за да се движи.
„Ако ова роботско куче дојде на пазарот и јас можам веднаш да го користам, тоа ќе речи барем некои од моите проблеми поврзани со самостојното патување. На пример, ако сега сакам да одам на работа, во болница или во продавница, не можам да излезам сам, туку морам да бидам во придружба на семејството или волонтер“, рекол Ли.
Роботските кучиња водичи се развиваат и во други земји, вклучувајќи ги Австралија и Велика Британија, но Кина има драстичен недостиг на традиционални кучиња водичи.
Вo Кина постојат нешто повеќе од 400 кучиња за речиси 20 милиони слепи луѓе, рекол Гао.
Домашните миленици и кучињата помагачи се релативно нов концепт во земјата, што значи дека многу работни места, ресторани и други јавни простории не дозволуваат традиционални кучиња помагачи како лабрадори да влезат.
За разлика од оние кучиња, чиј број секогаш ќе биде ограничен поради ограниченото природно одгледување и потребната интензивна обука, Гао рекол дека производството на роботски кучиња водичи може да се зголеми, посебно во голем индустриски центар како Кина.
„Тоа е слично со автомобилите. Може масовно да се произведуваат на ист начин како автомобилите, што ќе ги направи попристапни. Мислам дека ова би можело да биде многу голем пазар бидејќи можеби има десетина милиони луѓе во светот на кои им се потребни кучиња водичи“, рекол Гао.