Следната серија на флегшип таблет уреди на Samsung може да има различни конфигурации, ако може да им се верува на новите информации од Јужна Кореја. Според корејското издание JoongAng Ilbo, компанијата е на пат да ја промени својата стратегија за таблет уреди од високата класа бидејќи има намера да ги објави само Galaxy Tab S10+ и Galaxy Tab S10 Ultra, но не и основната варијанта Galaxy Tab S10.
Тоа значи дека идната серија ќе биде достапна само со големини на екранот од 12,4 и 14,9 инчи, а според информациите, оваа промена е одговор на Apple кој неодамна го претстави првиот iPad Pro со OLED дисплеј. На овој начин, компанијата ќе се обиде да понуди алтернатива со поголем дисплеј на iPad Pro, кој е сличен на дијагоналите на екранот од 11 и 13 инчи.
Масовното производство на новите уреди се очекува да започне кон крајот на овој месец, што сугерира дека најверојатно нема да биде дел од настанот на 10 јули, каде што очекуваме нови смартфони на преклопување, паметни часовници, безжични слушалки и паметниот прстен Galaxy Ring. JoongAng Ilbo сугерира дека таблет уредите ќе бидат пуштени во продажба во втората половина на годината.
Според изданието, Samsung ќе направи и други промени. На пример, за првпат таблетите ќе бидат достапни со MediaTek чипсет во одредени региони. Според гласините, Galaxy Tab S10+ ќе користи MediaTek Dimensity 9300+, но Galaxy Tab S10 Ultra најверојатно ќе продолжи да биде достапен само со Snapdragon 8 Gen 3 чипсет.