Глобалните испораки на таблет уреди го продолжија својот надолен тренд во 2023 година, достигнувајќи го најниското ниво во повеќе од една деценија. Според аналитичката компанија IDC, Apple, Samsung и останатите испорачале 128,5 милиони таблети минатата година, што е помалку од 161,6 милиони во 2022 година.
„Без значителни подобрувања во економијата и потрошувачите кои ги префрлаат своите пари на работи надвор од потрошувачката електроника, таблетите можеби нема да бидат високо на листата со приоритети“ истакна Ануропа Натарај, висок истражувачки аналитичар во IDC.
Новите модели на iPad би можеле да бидат многу неопходна и неочекувана придобивка за индустријата, бидејќи Apple останува неприкосновен лидер на пазарот со близу 40 отсто удел во однос на испораките по единици и уште повеќе во однос на вредноста. По објавувањето на оригиналниот iPad во 2010 година, продажбата на таблет уреди вртоглаво порасна, достигнувајќи го својот врв на 230 милиони примероци во 2014 година. Сепак, потоа пазарот значително се „залади“.
Прво дојде сознанието дека луѓето ќе ги користат нивните (несубвенционирани) таблети подолго отколку што ќе ги користат своите телефони. Потоа смартфоните почнаа да станувааѕ сѐ поголеми и поголеми, предизвикувајќи ја потребата за купување дополнителен уред за многу потрошувачи.
Глобалните испораки на таблет уреди постепено паднаа од 230 милиони во 2014 година на 145 милиони во 2019 година, пред ковид-кризата да обезбеди спас за индустријата.
Како што луѓето се приспособуваа да работат или да учат од дома, индустријата забележа невидена побарувачка во сегментите на потрошувачите и образованието, а пазарот се врати на раст во 2020 и 2021 година. Сепак, закрепнувањето беше краткотрајно бидејќи таблетите се чини дека минуваат низ криза предизвикана од продажбата на лаптопите и паметните телефони.