Во чест на својот 10-ти роденден, Apple Watch Series X ќе донесе поголеми екрани на двата модела и нов чипсет, но без генеративна вештачка интелигенција и напредни здравствени функции
Apple Watch Series X ќе пристигне со неколку значајни промени, но поради одредени технолошки ограничувања нема да има целосна промена на дизајнот, известува новинарот на Bloomberg, Марк Гурман во својот нов неделен билтен Power-On. Сепак, ќе добиеме два нови модели, кои ќе имаат поголеми екрани во однос на Apple Watch Series 9 и речиси со иста големина како и Apple Watch Ultra.
Се очекува Apple Watch Series X да има нов чипсет, што би можело да биде навестување за доаѓањето на генеративните функции за вештачка интелигенција, но компанијата сè уште не стигнала до тој момент. Претходно се шпекулираше дека Apple Watch Series X ќе има екрани од 45 и 49 мм, со куќиште кое е до 15 проценти потенко.
Гурман сега наведува дека двата модели на Apple Watch Series X се поднесени под кодните имиња: N217 и N218. За жал, тој не споменува колку ќе бидат тенки овие часовници, но наведува дека не треба да очекуваме сериозен редизајн, што е разочарувачки со оглед на десеттиот роденден и очекувањата дека Apple ќе направи нешто повеќе на тоа поле бидејќи се работи за важнa Apple Watch годишнина.
Компанијата работи и на нови функционалности поврзани со известувањето и следењето на здравствените параметри, но Гурман наведува дека веројатно нема да бидат подготвени за следната генерација на часовници.
Меѓу овие нови можности се известувањето за апнеја при спиење и висок крвен притисок. Според Гурман, компанијата наишла на пречки во развојот на овие технологии.
За среќа, ќе добиеме надградба на чипсетот, а третата генерација на Apple Watch Ultra ќе добие и нова хардверска платформа, иако сè уште не се познати подетални спецификации. За жал, ако мислевте дека новите модели ќе поддржуваат Apple Intelligence, извештајот ги става под знак прашање генеративни способности за вештачка интелигенција на овие паметни часовници.
Надградбата на чипот може да го навести доаѓањето на различни функции, но со ограничена функционалност. Apple Watch Series X нема да има доволно RAM за да извршува функции базирани на облак и локално обработени функции за генерирање на вештачка интелигенција. Apple Watch Series X можеби и нема доволно способен Neural Engine за ефикасно извршување на генеративните задачи со вештачка интелигенција.
Што се однесува до следниот Apple Watch SE, годинашниот модел можеби ќе има пластично куќиште наместо алуминиумско. Ова значи дека уредот може да има пониска цена.