Двајца астронаути, чие враќање на Земјата беше планирано пред неколку недели, денеска изјавија дека се уверени дека вселенската капсула на Boeing безбедно ќе ги врати дома и покрај техничките проблеми.
Тест пилотите на NASA, Буч Вилмор и Сани Вилијамс беа лансирани во новата капсула Starliner на Боинг на почетокот на минатиот месец.
Сепак, протекувањето и дефектите во контролните мотори речиси го попречија нивното пристигнување на Меѓународната вселенска станица (ISS) и ги задржаа таму подолго од планираното, според АП.
На нивната прва прес-конференција одржана во орбитата, тие рекоа дека очекуваат да се вратат кога ќе заврши тестирањето на контролните мотори на Земјата.
Тие изјавија дека не се жалат на дополнителното време во орбитата и дека со задоволство му помагаат на екипажот на станицата.
„Имам добро чувство во срцето дека леталото ќе нѐ врати дома без никакви проблеми“, изјави Вилијамс за новинарите.
Тие беа лансирани во орбитата на 5 јуни на пробен лет кој првично требаше да трае осум дена.