Данската престолнина Копенхаген покрена нова иницијатива за „присилување“ на туристите да користат повеќе еколошки превозни средства низ градот, како што се велосипедите и јавниот превоз.
Иницијативата под името CopenPay предвидува награди за туристите кои користат одржливи форми на транспорт.
Туристите кои ќе се одлучат да патуваат со јавен превоз или велосипед, наместо со автомобил или такси, ќе бидат наградени со различни придобивки како бесплатно кафе, влезница за музеи и дополнителни 20 минути скијање на падината Амагер Баке. Станува збор за погон за претворање отпад во енергија, кој истовремено служи како скијачки центар.
„Знаеме дека постои голема разлика меѓу тоа што планираат да го потршат туристите пред да дојдат и тоа што се случува откако ќе дојдат тука. Знаеме дека четворица од петмина се подготвени да се однесуваат одржливо, но тоа го исполнува само еден од пет“, изјави Микел Аро-Хансен, Извршен директор во компанијата Wonderful Copenhagen, официјална туристичка организација на Главното подрачје на Копенхаген.
Според Wonderful Copenhagen, вкупно 24 атракции, вклучувајќи ресторани и изнајмување кајак, учествуваат во новата зелена шема.
Една од партнерските атракции, GoBoat на туристите ќе им нуди бесплатно возење со чамец, во текот на кое ќе треба да собираат ѓубре од каналите.
Банегарден, дестинација за храна и култура во центарот на Копенхаген, им нуди бесплатен ручек н посетителите кои учествуваат во активности како што се чистење на ѓубре во и околу нивната локација.