Некогаш култниот музички плеер доживува втора младост со нови сопственици, па една година по десктоп изданието доби и мобилна верзија. Од конкурентите го издвојуваат само неколку корисни функции
Неколку години откако дознавме дека легендарниот музички плеер од крајот на минатиот век, Winamp ќе заживее под капата на својот нов сопственик Llama Group, најпрвин минатата година ја добивме десктоп верзијата, а сега се тука и мобилните верзии. На iOS и Android можно е да се преземе апликацијата за репродукција на музика, подкасти и радио станици Winamp, која не дели многу со оригиналот, но сепак донекаде се издвојува меѓу современите конкуренти.
Winamp на мобилните телефони овозможува репродукција на купена музика од повеќе извори, но и ваша, складирана во облак или локално. Плејлистите може да бидат комбинација од песни од различни извори, па иако интерфејсот наликува на оној на Spotify, во новиот Winamp не е неопходно да имате претплата или активна интернет конекција за да слушате музика. Присутна е и поддршка за радио станици, подкасти, а од оригиналот е „позајмен“ вградениот еквилајзер.
Сепак, на разочарување на многумина, мобилната апликација не нуди инсталација на надворешни скинови, како што некогаш нудеше Winamp, па беше можно да се трансформира до непрепознатливост. Значи – изгледот на апликацијата е стандарден и непроменлив, барем во она најважното. Сè уште е дозволено одредено персонализирање, на пример кога се прередуваат картичките во апликацијата. Сепак, ова е само привремено, бидејќи авторите ветуваат многу брз ритам на надградби, па до крајот на годината ќе бидат достапни неколку нови дизајнерски решенија, како и нови функционалности на самиот плеер.
Мобилната апликација Winamp е достапна за Android на Google Play и за iOS од App Store