Нема повеќе одбројување или одложување на укинувањето на колачињата од трети страни. Тие остануваат, а Google остава и продолжува, на задоволство на многу програмери, да ги развива технологиите на Privacy Sandbox API.
Google вчера објави значајна промена поврзана со колачињата од трета страна во прелистувачот Chrome. Наместо првично најавеното откажување, па неколкуте одложувања, компанијата ќе воведе нов пристап кој им овозможува на корисниците да донесуваат информирани одлуки за нивните поставки за приватност при прелистувањето на интернет.
На својот блог, Chrome дипломатски напиша: „Наместо да ги елиминираме колачињата од трети страни, ќе воведеме ново решение во Chrome што ќе им овозможи на корисниците да донесат информирана одлука применлива на целокупното веб-прелистување. Оваа одлука ќе може да се прилагоди во секое време. Во моментов разговараме за овој нов пристап со регулаторните органи и ќе соработуваме тесно со целата индустрија за време на неговото спроведување“.
Google се стреми да ги балансира потребите на огласувачите, издавачите и корисниците, овозможувајќи им на корисниците да донесуваат информирани одлуки за поставките за приватност. Очигледно, акцентот е ставен на соработката со регулаторите и клиентите огласувачи бидејќи таму дува најсилниот ветер. За корисниците остануваат фразите „ќе развиеме технологии кои ја штитат приватноста“.
Оваа одлука претставува неочекуван пресврт во однос на иницијативата на Google од 2019 година, кога најави постепено укинување на колачињата од трети страни до 2022 година. Тој рок неколку пати беше одложуван, а последен пат беше поместен на почетокот на 2025 година. Иницијативата Privacy Sandbox, во рамките на која се планира укинување на колачињата, имаше за цел да развие алтернативи кои ќе ја заштитат приватноста притоа поддржувајќи го системот за дигитално рекламирање.
Google го промени својот став поради неколку клучни причини. Огласувачите и издавачите изразија загриженост дека отстранувањето на колачиња од трети страни негативно ќе влијае на нивната способност ефективно да таргетираат реклами. Регулаторите, особено во Велика Британија, покренаа прашања за можната неправедна предност што Google може да ја добие за сопствените рекламни производи. Покрај тоа, Google сака да им даде на корисниците поголема контрола врз поставките за приватност. Новиот пристап вклучува кориснички опции во Chrome кои овозможуваат вклучување или исклучување на колачиња од трети страни.