Microsoft тврди дека договорот од 2009 година со Европската унија е виновен за големиот глобален ИТ прекин што погоди 8,5 милиони компјутери
Ажурирањето на CrowdStrike Falcon System софтверот за спречување сајбер напади е основната причина за проблемот што направи прекин во работата на околу 8,5 милиони компјутери во петокот.
По големата „компјутерска хаварија“ што зафати околу 8,5 милиони Windows уреди минатиот петок, што доведе до големи нарушувања во воздушниот сообраќај ширум светот и проблеми во работењето на компјутерските системи на банките и бесконтактните плаќања, железницата, здравствените услуги во Обединетото Кралство, медиуми… конечно се огласи компанијата Microsoft.
Проблемот настана откако компанијата CrowdStrike, која се занимава со сајбер безбедност на глобално ниво и има околу 24.000 клиенти ширум светот, го ажурираше својот софтвер дизајниран да ги заштити уредите со Windows од хакерство и сајбер напади.
Веќе во петокот CrowdStrike официјално ја призна својата одговорност за проблемите во работењето на компјутерските системи кои го користат оперативниот систем на Microsoft, а три дена подоцна официјален коментар за овој проблем доаѓа од технолошкиот гигант од Редмонд.
Microsoft, всушност, тврди дека Европската Унија е виновна за „најголемиот ИТ прекин во светот досега“.
„Договорот од 2009 година, на кој инсистираше Европската комисија, значеше дека Microsoft не може да спроведе одредени промени кои би можеле да ги блокираат ажурирањата од CrowdStrike, што предизвика прекин на околу 8,5 милиони компјутери“, наведе Microsoft во коментар за The Wall Street Journal.
CrowdStrike Falcon System е софтвер програмиран да спречува сајбер напади, кој има привилегиран пристап до клучниот дел од компјутерот (Kernel). Неговото погрешно ажурирање беше главната причина за проблемот.
Microsoft има своја алтернатива за CrowdStrike софтверот – Windows Defender, но поради споменатиот договор од 2009 година, направен за да се избегне истрага за европска конкуренција, им дозволи на другите даватели на безбедносни услуги да го инсталираат софтверот на ниво на кернел.
Инаку, од почетокот на 2000-тите, Европската комисија го обвинува Microsoft за неправедна предност во однос на другите компании, поради популарниот оперативен систем Windows и сите програми и апликации што доаѓаат со него, потсетува Euronews.
Според сегашните проценки, ажурирањето на CrowdStrike погодило 8,5 милиони Windows уреди, што е помалку од ѝ% од сите уреди што работат на тој оперативен систем, соопшти Microsoft.
Иако ова е релативно мал процент, големото влијание на прекините на системот на глобално ниво го одразува фактот дека бројни компании и бизниси го користат софтверот на CrowdStrike, од кои некои се критични.
И откако CrowdStrike ја призна вината за падот на системот во петокот, по што донекаде беа санирани последиците, а погодените служби и компании повторно почнаа да работат, експертите проценија дека ќе бидат потребни неколку недели за целосна нормализација на Windows системот.