Motorola објави паметен телефон за кој вели дека ќе биде најтенкиот уред од воена класа во светот. Телефонот ќе поседува сертификат MIL-STD-810 и ќе биде заштитен од екстремна топлина, студ, влага и удари.
Засега не е јасно за кој телефон се работи, но како што пренесува GSM Arena, тоа би можело да биде претстојниот Edge 50 Neo.
Уредот наводно ќе го покренува Dimensity 7300 чипот на MediaTek, поврзан со 8 или 12 GB RAM и 256 или 512 GB простор за складирање. Треба да има 6,5-инчен pOLED екран од 120 Hz кој од пукнатини и гребнатини го штити Gorilla Glass 3 на Corning.
Меѓу останатите спецификации, телефонот би требало да има главна 50 мегапикселна камера, ултраширока од 13 мегапиксели и телефото камера од 10 мегапиксели на задната страна, додека на предната има 32 MP камера. Ќе има батерија со релативно мал капацитет, 4.310 mAh, ќе биде дебел 8,1 мм и ќе тежи 171 грам.
Потврдено е дека телефонот најпрвин ќе се појави на индискиот пазар.