По неколку недели решавање на проблемите и тестирање, NASA и Boeing сè уште не може да одредат датум за враќање на двајцата астронаути од првиот пробен лет на вселенското летало Starliner на Boeing.
Инженерите ги идентификуваа можните причини за проблемите на вселенското летало, вклучително и истекување хелиум и погоните што престанаа да работат на пат кон Меѓународната вселенска станица.
„Боинг“ и НАСА со недели го анализираа проблемот поттикнувајќи планови за повеќе тестирања за подобро разбирање на проблемите, рече Марк Напи, раководител на програмата на „Боинг“ за комерцијални летови. Во Ново Мексико инженерите ги тестираа моторите повеќе од илјада пати за да го реплицираат палењето на погоните на „Старлајнер“. Целта беше да се разбере зошто потиснувачите се исклучуваат и да се проценат можните опасности поврзани со нивното повторно активирање.
Тестовите открија дека акумулацијата на топлина во погонот може да предизвика испакнување на тефлонските заптивки ограничувајќи го протокот на горивото. Ова откритие им даде доверба на „Боинг“ и НАСА во способноста на вселенското летало да се врати назад. Сепак, тоа исто така ги натера да ги напуштат плановите астронаутите рачно да го управуваат „Старлајнер“ на пат кон дома бидејќи рачното управување дополнително ги оптоварува погоните.
Официјалните лица не потврдија дали истото вселенско летало што ги однесе до всленската станица ќе ги врати астронаутите на НАСА, Буч Вилмор и Сани Вилијамс. Иако НАСА има алтернативни планови, целта е да ја заврши мисијата со „Старлајнер“.
Астронаутите пристигнаа на Меѓународната вселенска станица на 6 јуни за мисија што требаше да трае околу една недела. Моментно се во вселената 50-ина дена, а „Старлајнер“ може да остане во вселената до 90 дена.
Дополнително, инженерите постигнаа напредок во разбирањето на причината за истекувањето на хелиумот, што влијаеше на патувањето на „Старлајнер“. Дополнителни тестови ќе се спроведат овој викенд.
Анализата на теренот покажа дека истекувањето на хелиумот може да е резултат на проблем со заптивката, која се распаднала поради изложеност на пареа од погонски горива. Идните мисии би можеле да вклучат менување на материјалот за заптивки на оној што е помалку подложен на трошење.
Одлучувањето дали истекувањето на хелиумот се влошило додека „Старлајнер“ бил приклучен на вселенската станица било од клучно значење, велат инженерите. Тековните напори за разбирање на ова прашање се главната причина зошто датумот за враќање сè уште не е одреден.