Неодамна поднесениот патент на Samsung го открива револуционерниот концепт на хоризонтално проширување на екраните кои можат да ја прилагодат нивната големина во зависност од употребата
Се чини дека сме ги виделе сите варијанти на флексибилни дисплеи – телефони што се превиткуваат, уреди што се виткаат на две или повеќе места, ролабилни екрани, сè што можете да замислите. Но, Samsung можеби работи на нешто што ќе направи сето тоа да изгледа како играчка. Неодамна поднесениот патент укажува на луд нов пристап кон технологијата на ролабилни екрани, што може да го промени начинот на кој ги користиме нашите уреди.
Патентот поднесен до Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД минатата година, опишува таблет со хоризонтално проширување на екранот кој може динамички да се прилагоди на својата употреба. Уредот е релативно компактен кога е преклопен, но може да го прошири својот екран користејќи вградени ролабилни актуатори.
Концептот на Samsung му овозможува на екранот да се шири во двете насоки, приспособувајќи ја неговата големина во зависност од тоа дали е приклучена тастатура, корисникот го користи со една рака или користи пенкало.
Екран на Samsung кој се шири во двата правца
„Овој електронски уред може да вклучува флексибилен екран, прв ролабилен актуатор конфигуриран да го прошири флексибилниот екран во првата насока, втор ролабилен актуатор што може да го прошири флексбилниот дисплеј спротивно од првата насока и најмалку еден процесор “, се наведува во патентот.
Интересен дел е употребата на посебен процесор. Според патентот, таблетот може да ја открие позицијата на прикачен периферен уред, како што е паметен телефон, и да го прошири флексибилниот дисплеј врз основа на локацијата на периферниот уред. Оваа функција ќе овозможи дисплејот делумно да се прошири за безжично да го пресликува екранот на паметниот телефон користејќи NFC.
Патентот ја споменува и можноста таблетот да дејствува како далечински управувач за Samsung SmartThings паметните домашни уреди, па дури и за телевизорот, со проширување на дел од екранот. Покрај тоа, Samsung истражува амбидекстрална функција, каде што таблетот открива дали корисникот е деснак или левучар и соодветно го прилагодува делот од екранот што може да се прошири.
Како и со секоја патент апликација, не постои гаранција дека овој хоризонтално ролабилен концепт ќе стане вистински производ за потрошувачите. Сепак, Samsung е една од ретките големи компании кои сериозно експериментираат со флексибилни дисплеи како што созрева технологијата.