Во текот на овој месец, Samsung го претстави своето ажурирано портфолио на производи, вклучувајќи ги и паметните телефони со екрани на преклоп и уредите за носење. Меѓу нив е и првиот Ultra часовник на компанијата, наречен Galaxy Watch Ultra.
Сепак, овој скап уред изгледа може да има прилично непријатен проблем. Станува збор за лупење на дел од бојата на долниот дел од структурата. Корисник на Reddit сподели дека ова му се случило само неколку дена откако го купил уредот.
Дефектот се појавил по пет дена носење, при што за тоа време не го користел во теретана и не извршувал одредени спортски активности. Ова значи дека проблемот не бил предизвикан од корисникот.
Откако стапи во контакт со одделот за поддршка, компанијата се согласи да го замени уредот. Засега не е јасно зошто дел од бојата се излупи, а според еден од коментарите тоа може да се должи на начинот на нанесување на облогата (ПВД).
Останува да се види дали се работи за изолиран случај или се засегнати повеќе уреди во сива боја.