Извршниот директор на Tesla, Eлон Маск официјално објави дека производителот ќе го претстави своето роботакси на 10 октомври, околу два месеци по првичниот план.
Маск рече дека доцнењето е резултат на желбата да се направат некои важни промени, кои според него ќе го подобрат возилото. Роботаксито би можело да се вика Cybercab.
Американскиот бизнисмен додаде дека одложувањето на презентацијата на роботаксито ќе отвори простор за презентација на „некои други работи“, но сè уште не се знае кои се тие.
На почетокот на овој месец, Bloomberg објави дека Tesla планира да го одложи претставувањето на роботаксито, а подоцна имаше и официјална потврда дека ова возило нема да го видиме на 8 август.
Маск рече дека самоуправувачките автомобили, вклучително и такси за неговиот иден бизнис, се клучни за иднината на Tesla како исклучително вредна компанија за вештачка интелигенција. Сепак, сè уште не е јасно дали Tesla всушност може да ја усоврши технологијата за автономно возење. Компанијата веќе има функција за целосно самостојно возење, која сè уште бара човечки надзор и често прави грешки.
Како одговор на прашање на инвеститор, Маск рече дека Tesla не може да им понуди возења на клиентите додека технологијата за целосно самостојно возење не може да се користи без надзор. Времето на пристигнување на роботаксито на пазарот зависи од технолошкиот напредок и одобренијата.