Компанијата Nothing во март оваа година го претстави смартфонот Phone (2a), а сега пристигна и наследникот по име Phone (2a) Plus.
Станува збор за понапредна верзија на Phone (2a), кој го покренува помоќен процесор и има нова селфи камера од 50 MP. Смартфонот е достапен во металик сива боја и малку поинаква нијанса на црна боја.
Процесорот Dimensity 7850 Plus претставува значајна промена, а се работи за оверклокирана верзија на Dimensity 7200 Pro од моделот Phone (2a), развиен во соработка со MediaTek исклучиво за Phone (2a) Plus. Новиот процесор има осум-јадрен CPU со 2x Cortex-A715 јадра со такт од 3,0 GHz со 6x Cortex-A150 единици со работен такт од 2,0 GHz. Графиката ја користи истата Mali-G610 MC4 единициа, но сега работи на 1,3 GHz. Од Nothing велат дека можат да се очекуваат 10 проценти побрзи перформанси на процесорот и 30 проценти перформанси на графичкиот процесор.
Другата голема промена е новата селфи камера од 50 MP, која ја заменува камерата од 32 MP. Оваа камера поддржува снимање 4К видео на 30 fps и сè уште е сместена во punch-hole отвор во 6,7-инчниот AMOLED FHD+ екран со брзина на освежување од 120 Hz. На задната страна е сместена истата главна камера од 50 MP (24 мм) заедно со ултраширока камера од 50 MP.
Phone (2a) Plus се напојува со батерија од 5.000 mAh со поддршка за жично полнење од 50 W, што е мало подобрување во однос на Phone (2a) и неговото полнење од 45 W.
Уредот работи на Nothing OS 2.6 базиран на Android 14 со интегриран ChatGPT и нов News Reporter виџет, кој ги „чита“ вестите користејќи го гласот на директорот на Nothing, Тим Холброу. Функцијата е достапна и на другите смартфони на Nothing преку апликацијата Nothing Widgets достапна на Google Play Store.
Nothing Phone (2a) Plus чини 399 долари, а се работи за модел со 12 GB RAM и 256 GB простор за складирање.