Рекламите повеќе нема да ви досадуваат додека зборувате на Skype
Microsoft планира наскоро да објави ажурирање што ќе ги отстрани сите реклами од Skype, на сите платформи. Ажурирањето вклучува и подобрени алатки за креирање фотографии со вештачка интелигенција на Skype за Windows и macOS, како и можност за автоматско најавување на iOS, ако веќе сте најавени на друга апликација на Microsoft.
„Нашето најново ажурирање ги отстранува сите реклами од Skype каналите и целата Skype платформа, што резултира со пофлуидно, почисто и попријатно корисничко искуство додека работите во апликацијата“, рече менаџерот за производи на Skype, Ирене Намугањи.
Отстранувањето реклами од Skype значи дека повеќе нема да гледате реклами во главниот интерфејс за разговори или во делот за каналите. Од Microsoft истакнуваат дека ги слушале повратните информации од корисниците за рекламите на Skype и одлучиле „корисниците да се фокусираат на разговорите без одвлекување на вниманието од рекламите, правејќи искуството со Skype дефинитивно подобро и попријатно“.
Секцијата Today на Skype ќе остане, заедно со вестите преземени од MSN. Ова е таб што повеќето корисници на Skype веројатно го игнорираат, но можете целосно да го исклучите во менито Settings > Appearance.
Покрај отстранувањето реклами на Skype, Microsoft ги подобрува и алатките за вештачка интелигенција за креирање фотографии во рамките на апликацијата на Windows и macOS. Наскоро, ќе можете брзо да пристапите до креаторот на слики со вештачка интелигенција во прозорецот за разговор, а сликите генерирани со вештачка интелигенција ќе се прошират на клик. Microsoft измени и некои елементи на интерфејсот, со што креаторот на слики подобро се вклопува со дизајнот на macOS.