Интересен факт, кој е врзан за почетоците на маратонот е дека неговото премиерно издание се одржало во 1997 година, по иницијатива на познатиот атлетски тренер, Душко Ангеловски
Сигурно не постои маратонец, вљубеник во трчањето, кој не учествувал, или барем не слушнал за Виз Ер Скопски маратон, но сигурно и не секој од нив ги знае десетиците факти, кои на оваа манифестација заслужено ѝ го даваат епитетот за најдобро и најмасовно организиран маратон во регионот, па и пошироко.
Интересен факт, кој е врзан за почетоците на маратонот е дека неговото премиерно издание се одржало во 1997 година, по иницијатива на познатиот атлетски тренер, Душко Ангеловски. Трката била од меѓународен карактер, насловена како Скопски маратон. Наредната година се одржало второто издание, а во организацијата се приклучил и спортскиот работник Михаил Пановски.
Потоа, трката паузирала цели осум години, сè до нејзиното возобновување на иницијатива на тогашниот евроамбасадор во земјава, Ерван Фуере и на тогашниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, но како полумаратонска трка во организација на Сојуз на спортови на Скопје, кој тогаш бил предводен од Ѓорѓи Кузмановски.
На програмите биле три трки, полумаратон и трки на 2 и 5 км, а по успешната организација, била донесена одлука од следната 2008 година во програмата да се врати и маратонската трка. Од 2009 година, маратонот влегува во Асоцијацијата за маратони и улични трки (АИМС) и доби сертификат со што се признаваат сите постигнати резултати и рекорди.
Маратонот сè до 2014 година се нарекувал Скопски маратон, а од тогаш бил преименуван во Виз Ер Скопски маратон, кога нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер стана насловен спонзор на трката и значително го зголеми меѓународниот профил на настанот.
Името се променило, се зголемила агендата на трки, но константно еден ист човек останал да ја мери патеката. Веројатно, ретко кој го знае тој факт.
Станува збор за Раинер Сос, кој е лиценциран мерач на патеки од АИМС и ја мери патеката на Скопскиот маратон од неговите почетоци до денес. Тој е истиот човек, кој ја има измерено и патеката во Виена, кога пред 5 години се одржа спектакуларен предизвик во маратон, на кој Кениецот Елиуд Кипчоге стана првиот човек во историјата, кој успеал да истрча маратонска трка со време под два часа.
Една од годините која е блескава по многу нешта за маратонот е 2019 година. Од тогаш датираатнеколку интересни факти, кои значително ја потврдуваат афирмираноста и престижот да се биде дел од овој спортски хепенинг.
Според статистичките истражувања направени од Британскиот „The Sole Supplier“ бренд, Виз Ер Скопски маратон во 2019 година се најде на листата на најбрзи маратони во светот во конкуренција од 476 лиценцирани маратони од ИААФ. И не само на оваа листа, туку и на 66. место на листата на маратони со највисоки препораки (поени).
Истата година, британското списание за атлетичари и рекреативци Athletics Weekly, во едно од своите изданија излезе со прилог од дополнителни 80 страници со календар и предлог за трки и маратони, а меѓу нив се најде и Виз Ер Скопски маратон со дополнителна реклама на цела страна.
Дека маратонот не е само спортска манифестација, туку придонесува за афирмација на главниот град, туризмот, а има и хуманитарна нишка, доказ е и видео разгледницата, која ја направија тогашните градски власти, на која Виз Ер Скопски маратон беше нотиран како еден од настаните, кој континуирано го разубавува нашиот град.
Истата 2019 година, по повод Светскиот ден на туризмот, на традиционалната манифестација во организација на Министерството за економија, маратонот доби признание за една од најуспешните манифестации, која придонесува за развој на туризмот во Македонија.
Од СОС Детско село пак, Виз Ер Скопски маратон доби специјално признание, како еден од најголемите поддржувачи на оваа организација во 2019 година.
„15то издание на маратонот, кое се одржа во 2019 година, остана врежано во неговата историја по неколку основи. Меѓу нив и фактот за рекорден број на учесници. Тогаш учествуваа повеќе од 12.500 тркачи, а за само 24 часа, имаше повеќе од 200 пријавени учесници од 10 земји. Бројките навидум се недостижни, но веруваме дека годинешново јубилејно издание ќе биде предизвик за пријавување на што поголем број тркачи,“ вели Гордана Кузмановска Николовска, од организацијата на Виз Ер Скопски маратон.
Што се однесува до рекордите, во машка конкуренција, тој му припаѓа на Кипротич Кируи од Кенија и поставен е во 2016 година со резултат од 2:12:38. Рекордот кај жените датира од 2019 година и е во сопственост на Кенијката Еунис Ниавира Мучири со резултат од 2:33:38.
Веројатно сите сте слушнале за Дарио Ивановски, најдобриот македонски атлетичар на сите времиња, кој е и првиот македонски спортист кој избори пласман на Летните олимписки игри во Париз.
Но, можеби ретко кој знае дека Дарио својот прв маратон го истрча токму на Виз Ер Скопски маратон во 2020 година, а во 2021 година стана и првиот Македонец, кој победил на маратонот (2:21:27).
За престижот на Виз Ер Скопски маратон говори и фактот дека дел од него, рамо до рамо со илјадници други тркачи, во 2018 година беше и т.н. кралица на маратонот, Пола Редклиф, во тоа време светска рекордерка во маратон за жени.
„Чест и задоволство беше да се биде во нејзино друштво, а несомнено голем беше и нејзиниот придонес за афирмација на настанот. Пола неуморно работи на промоција на атлетиката, маратонското трчање и жените во маратонот, постојано ги промовира маратоните во светот, се појавува и на помалку афирмирани маратони како нашиот, но и на големи маратони како Њујорк и Лондон,“ велат од организацијата на Виз Ер Скопски маратон.
Во 2014 година промотор на Виз Ер Скопскиот маратон беше Вилсон Кипсанг од Кенија, во тој момент актуелен светски рекордер во маратон со резултат од 2:03:23, кој го постави во 2013 година во Берлин.
Маратонот имаше чест во 2017 година да ги угости трите близначки од Естонија, сестрите Луик, кои се единствените три сестри, кои учествувале во една дисциплина на Олимписки игри, а тоа е маратонската трка во 2016 година на игрите во Рио Де Жанеиро.
Непобитни факти врзани за Скопскиот маратон се и многуте склопени пријателства, архивирани се неколку запросувања, дел од маратоните константно се и неколку учесници маскирани во филмски јунаци. Сето ова е доказ дека Виз Ер Скопски маратон не е само спортска манифестација, тоа е хепенинг, спој на традиција, дружење, волонтерство, желба, љубов, искушение.