Четири години откако Apple го повлече Fortnite од App Store, популарната игра се врати на iOS, но само во Европската унија и преку новата продавница на Epic.
Fortnite е достапен за новата верзија на iPhone на Epic Games Store, како и преку AltStore PAL, алтернативна продавница за апликации од трети страни. Epic Games Store е достапна и за корисниците на Android ширум светот.
Веста доаѓа по долгогодишни судски спорови меѓу Apple и Epic, како и регулаторните промени донесени со Законот за дигитални пазари на ЕУ, кои ја принудија компанијата од Купертино да дозволи алтернативни продавници за апликации. Epic планира да ја понуди својата игра и во iOS продавницата Aptoide во ЕУ, како и на ONE Store за Android. Од компанијата соопштуваат дека „со нетрпение очекуваат да ги понудат своите игри преку други продавници ширум светот“.
Сепак, постои услов.. Откако корисникот ќе скенира QR-код на интернет страницата на Epic, се појавува известување кое гласи: „За да ја инсталирате Epic Games Store на вашиот iPhone, надградете го на iOS 17.6 или понова верзија“. Ова всушност е во спротивност со сопствените упатства на Epic, кои наведуваат дека продавницата за игри може да се инсталира на iPhone уреди со iOS 17.4 или понова верзија.
Без оглед на тоа, Fortnite заживува на iOS токму на време за лансирањето на новата сезона на тема Marvel, па играчите во ЕУ ќе имаат уште една голема причина повторно да ја играат играта на мобилната платформа на Apple.
Покрај Fortnite, корисниците на iPhone во ЕУ, како и корисниците на Android ширум светот ќе можат да ги преземат Epic’s Rocket League Sideswipe и мобилната верзија на Fall Guys од Epic Games Store.