Новиот преклопен смартфон на Google, Pixel 9 Pro Fold ги исправа грешките на својот претходник, но ја задржува високата почетна цена од 1.899 евра за конфигурација од 16 GB RAM и 256 GB простор за складирање
Во мај 2023 година Google одлучи да се придружи на трендот на преклопни телефони, кога го претстави Pixel Fold, уред кој веќе изгледаше застарен во тоа време и кој имаше многу висока почетна цена од 1.899 евра. Google и годинаца не се откажува од флексибилен уред, а на неодамна одржаниот настан Made by Google го претстави Pixel 9 Pro Fold, своевиден предводник на целата Pixel 9 серија, кој ги коригира недостатоците на својот претходник и конечно изгледа како уред од 2024 година. Смартфонот има сосема нови пропорции, поточно е повисок, потенок и значително полесен од претходникот, а поради новиот дизајн на шарките може да биде целосно рамен.
Благодарение на сето ова, Pixel 9 Pro Fold има поголеми екрани од неговиот претходник. Поконкретно, однадвор има екран од 6,3 инчи, додека одвнатре е сместен 8-инчен екран. Двата екрани се OLED и имаат резолуција Full HD+, адаптивна стапка на освежување од 120 Hz и декларирана максимална осветленост од 2.700 нита. И двата екрани споделуваат селфи камера од 10 мегапиксели.
Но, иако Google направи многу за да го надгради речиси секој аспект од овој уред во однос на претходникот, тоа не го направи целосно со задните камери.Pixel 9 Pro Fold има главен сензор од 48 мегапиксели со телефото објектив од 10,5 MP со 5X оптички зум. Единствената новина е малку надградениот, ултраширок сензор од 10,5 мегапиксели, што веројатно ќе го ценат корисниците на стариот Fold. Целиот систем на камери ќе работи со еден куп софтверски функции на Google за подобрување на квалитетот на фотографијата, по што се познати Pixel уредите.
Pixel 9 Pro Fold го покренува Tensor G4, 4-нанометарски чипсет со едно основно Cortex-X4 јадро со такт од 3,1 GHz, три Cortex-A720 јадра со такт од 2,6 GHz и четири Cortex-A520 со фреквенција од 1,95 GHz. Новиот преклопен мобилен телефон на Google пристигнува во конфигурација со до 16 GB RAM и 512 GB внатрешна меморија. Треба да се напомене дека неговиот главен конкурент, Galaxy Z Fold 6 има 12 GB RAM, но затоа може да има 1 TB простор за складирање.
Google користи батерија со капацитет од 4.650 mAh во Pixel 9 Pro Fold, која поддржува 21 вати жично и само 7 вати безжично полнење. Батеријата, барем според тврдењата на Google, би требало да издржи до 24 часа просечно користење. Што точно значи ова не е познато, но лесно може да се заклучи дека автономијата, како и кај повеќето други телефони од овој тип, нема да биде силна страна. Ако ништо друго, барем има седум години софтверска поддршка и еден куп функции за вештачка интелигенција.
Силна страна не е ни цената. Почетната верзија на овој преклопен смартфон со 16 GB RAM и 256 GB внатрешна меморија чини значителни 1.899 евра. Верзијата со 512 GB простор за складирање чини 2099 евра.