Компанијата MagniX изврши тестирање на прототип на хибриден авион што ќе се користи во програмата на NASA за развој на авијација со хибриден или целосен електричен погон, обавија од Американската вселенска агенција.
Презентацијата на авионот се одржала на аеродромската писта на Boeing во сојузната држава Вашингтон со авионот со турбо мотор Dash 7 (познат и како канадски DHC-7). Оваа верзија на Dash 7 е дел од програмата Демонстрација на лет на електрифициран погонски систем (Electrified Powertrain Flight Demonstration – EPFD) на NASA.
Станува збор за проект во кој учествуваат и претставници на индустријата, а со цел создавање на авиони со електричен погон и воведување на хибридни транспортни средства во комерцијалната авијација до средината на 2030-тите години. Авторите на иницијативата се надеваат дека развојот на авијацијата што не користи традиционални видови авионско гориво, ќе помогне да се намалат издувните стакленички гасови што влијаат на климата.
MagniX, чие седиште е во сојузната држава Вашингтон, планира да го модифицира авионот Dash 7 со инсталирање на хибриден енергетски систем. Додека компанијата спроведува копнени и воздушни тестирања, NASA планира да ги искористи податоците од овие тестови за да разбере кои проблеми можат да се појават кај електричните авиони и како тие можат да се минимизираат.
Резултатите од овие тестови може да бидат користени за развој на понатамошни правила и услови за сертификација врз кои ќе треба да се придржуваат производителите на електрични авиони при влез на пазарот на авиопревозници.