Според протечените фотографии, Galaxy S25 Ultra би можел да воведе значителни промени во дизајнот, но и да биде потенок од претходните Ultra модели
Досега во неколку наврати имавме можност да видиме протечени информации и гласини за Samsung Galaxy S25 серијата , а едно од најновите тврдења е дека Galaxy S25 Ultra би можел да донесе позаоблен дизајн. Сега имаме наводен увид во дизајнот на телефонот од долгогодишен инсајдер.
Корисникот на мрежата X под псевдонимот Ice Universe објави фотографија која го прикажува предниот дел на наводниот Galaxy S25 Ultra, а на кој можеме да го видиме телефонот со заоблени агли. Тој исто така објави фотографија на која го споредува овој наводен S25 Ultra со Galaxy S24 Ultra, што ни дава подобра идеја за тоа како новиот телефон се разликува од постариот модел.
Претпоставуваме дека ова е таканаречен mock-up или скица, наместо рендер базиран на CAD, па овие слики треба да се земат со резерва. Веројатно ќе треба да почекаме популарниот Steve OnLeaks Hemmerstoffer да објави фотографии базирани на CAD.
Сепак, ако се испостави дека е вистина, ова ќе биде значајна промена во дизајнот за Samsung, бидејќи нивните Ultra телефони имаат дизајн со остри рабови уште од Galaxy S22 Ultra од 2022 година. Ова не е единствената очигледна промена, бидејќи Ice Universe претходно тврдеше дека ова може да биде најтенкиот Ultra телефон уште од Galaxy Note 20 Ultra.
Инаку, тој напоменува дека Galaxy S25 Ultra ќе донесе 50MP 3x задна камера, што би било големо подобрување во резолуцијата во однос на претходните Ultra телефони (10MP). Остатокот од камера системот би можел да биде ист како S24 Ultra. Покрај тоа, се тврди дека телефонот на Samsung ќе ја има истата батерија од 5.000 mAh и брзина на полнење од 45 W како и претходните уреди. Затоа, не треба да се очекуваат значителни подобрувања во сите аспекти, пренесува Android Authority.